Connect with us

Општини

Отворен Центар за електронски услуги во Струмица, достапни 350 услуги за граѓаните

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски и градоначалникот на Струмица, Петар Јанков, денеска во општинската зграда го отворија Центарот за електронски услуги, кој е осумнаесетти таков во државата.

Според Андоновски, ветеното од кампањата се остварува и Струмица е во фокусот на министерствата и на Владата.

-Нашите вработени сега се достапни да ги понудат 350 електронски услуги на граѓаните од целиот овој регион, зборувам и за Струмица и за околните општини. Претставува еден пристапен, достапен Центар за услуги, каде на лесен начин без да се чека на шалтер и секој граѓанин, кој едноставно не сака или не знае како од дома да користи електронски услуги или нема можности, ќе може да го направи тоа во Центарот во Струмица. Достапни услуги се уверението за државјанство, потврдите за неосудуваност, кривична и казнена евиденција, изводите од матичната книга на венчани, родени и умрени, и сите други услуги коишто ги нуди Агенцијата за катастар, Централниот регистар, потврдите за стаж се достапни тука во Центарот во Струмица и се надевам граѓаните ќе го запознаат Центарот и ќе ги користат услугите, рече Андоновски.

Додаде дека не запира соработката со Струмица и тука се реализираат две зони за бесплатен интернет, проект на ГИЗ на ЕУ којшто го имплементира Министерството.

-Во периодот којшто следи граѓаните на Струмица и на целиот регион треба да очекуваат новости од министерството за дигитална трансформација во соработка со Општината, посочи министерот Андоновски.

Информираше дека до крајот на годината ќе бидат отворени 20 Центри за услуги и се прават напори да се отвори уште еден дополонителен, а сега на ред се Ресен, Кичево и Гостивар и со тоа се покриваат најголем дел дел од градовите во Македонија.

-Целта е до крајот на мандатот да стасаме до секој граѓанин, а напролет ќе ја започнеме кампањата и за посетување на руралните средини со што сите граѓани ќе ги доближиме до услугите, подвлече Андоновски.

Според градоначалникот Јанков, оваа канцеларија ќе опслужува околу 30 илјади граѓани од регионот и ќе овозможува издавање на побрз начин на документи за потребите на граѓаните.

Канцеларијата се наоѓа во општинската зграда и ќе работи секој работен ден од 8 до 16 часот.

Ad
Ad