Вести
Министерска конференција за Коридорот 8 во Софија, на маргините Муцунски ќе има средби со Кос и Петрова-Чамова
Почна меѓународна конференција на министерско ниво, посветена на развојот и стратешкото значење на Паневропскиот коридор 8, што се одржува денеска во Софија, на која учествува македонскиот министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
Домаќин е бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова-Чамова. Конференцијата треба да обезбеди платформа за политички и експертски дијалог, зајакната координација меѓу засегнатите страни и утврдување конкретни следни чекори за развојот на Коридорот 8 преку отворање на можностите за забрзување на работите на неговите одделни делници, како и за понатамошна координација меѓу земјите и институциите вклучени во неговата реализација.
Муцунски ќе се обрати на панелот на високо ниво „Геостратешки контекст на Коридорот 8“, посветен на стратешкото значење на коридорот во актуелните геополитички, безбедносни и економски услови.
На маргините на конференцијата Муцунски ќе има средби со еврокомесарката за проширување Мара Кос и шефицата на бугарската дипломатија, Петрова Чамова.
Очекувањата од македонска страна од средбата Муцунски – Петрова-Чамова се преку директен дијалог, во добра волја и со заемно почитување, да се отворат можности за деблокирање на интегративниот пат, при што се нагласува потребата од одржливо решение, кое нема повторно да го изложи пристапниот процес на нови билатерални условувања.
Бугарската министерка Петрова-Чамова, пак, за средбата со Муцунски изјави дека таа била инцирана од Скопје и оти на неа очекува да се разговаа за евроинтеграциите. – Оваа средба беше побарана од нивна страна, а јас, секако, прифатив. Ќе ми биде драго да дознам за темите за кои сакаат да разговараме. Претпоставувам дека тоа ќе биде европската интеграција. Во однос на тоа имаме многу јасен став. Се надевам дека од нивна страна ќе чујам желба за напредок – нагласи Петрова-Чамова.
Средбата меѓу двајцата министри за надворешни работи доаѓа и откако Европската комисија објави предлог за идното проширување, во кој, меѓу другото, се предлага квалификувано мнозинство за отворање на преговорите и постепена интеграција, но со заштитни клаузули, што треба да обезбедат дека новите членки ќе го почитуваат она на што се обврзале во преговорите.
Во врска со конференцијата, бугарската министерка изјави дека Коридорот 8 треба да се гледа како единствен стратешки проект за поврзување, а не како збир од одделни инфраструктурни сегменти.
Нагласи дека Бугарија има јасна политичка волја да ја забрза работата на проектот, кој е од клучно значење како за поврзувањето со Западен Балкан така и за европското поврзување.
– Коридорот 8 е проект од стратешко значење за нас и со години е приоритет; сепак, работата на него не секогаш се одвивала со потребното ниво на активност – изјави таа.
Бугарската министерка нагласи дека Коридорот 8 треба да се гледа во поширокиот контекст на европското транспортно и економско поврзување и додаде дека в година Бугарија ќе биде домаќин на самит посветен на поврзувањето, со фокус на средниот коридор.
Денешната конференција во Софија претставува продолжение на досегашниот политички дијалог за Коридорот 8, вклучително и министерскиот состанок одржан во Тирана во февруари оваа година.
октомври 8, 2026

