Connect with us

Регион

Рубио од Атина: Не смее да се дозволи да се прекинат врските меѓу САД и Европа

Иако страстите понекогаш ги затегнуваа врските на пријателство меѓу САД и Европа, не смее да се дозволи тие врски да се прекинат. Заедно мора да го зајакнеме сојузот способен да се соочи со заканите на нашето време. И можеме. Бидејќи не веруваме дека трансатлантското пријателство треба да биде игра со „нулта сума“, туку напротив, нашата визија е сојуз чија сила е поголема од збирот на силите на неговите делови, порача американскиот државен секретар Марко Рубио во неговиот говор од Пника, од античкиот простор што е едно од најзначајните места поврзани со развојот на атинската демократија, јави дописничката на МИА од Атина.

Имајќи го Акропол во заднина, Рубио, во неговиот говор, се осврна на влијанието на античка Грција на создавањето на западните цивилизации, на историјата на Америка, на Акропол, но и на современите американско-грчки односи, како и на односите на САД со Европа.

Посочи дека силата, храброста и гордоста се срцето на секоја голема цивилизација, додека пак без нив, „нациите ја губат волјата да се борат, волјата да се стремат, волјата да опстанат“, а денес голем дел од Западот ја заборави оваа особина.

Говореше за слабеењето на самодовербата на Западот низ времето, велејќи дека со текот на времето, Западот почна да се срами „токму од нештата што нè направија исклучителни“, од сопствените достигнувања нè издвојуваат, а просперитет некако стана извор на вина.

– Зборот „национализам“ стана валкан збор. И затоа ги урнавме нашите споменици. Ја осудивме сопствената историја. И на премногу места ги учевме нашите деца да се срамат од земјите што еден ќе ги наследат. Во тој процес, ги отворивме нашите граници, ја префрливме индустријата во странство и дозволивме нашите армии да ослабнат и да пропаѓаат. И со секоја измината година, се чинеше дека сè поголем дел од нашиот суверенитет го префрламе на глобални бирократии далеку од нашата контрола. Но, други беа и повеќе од подготвени да го пополнат вакуумот што го оставивме – вакуумот создаден од нашата слабост, рече Рубио.

Додаде дека денес се наоѓаме на крстопат, бидејќи „следната деценија и одлуките што ќе ги донесеме ќе ја напишат приказната за следниот век“, а патот што ќе го избереме ќе одреди дали Западот ќе ја задржи својата позиција на чело на светот или ќе се помири со иднина на стагнација, потчинетост и пропаѓање.

– Под претседателот Трамп, Соединетите Американски Држави го направија својот избор. Избираме непоколебливо стремење кон национална моќ: повторно да ја преземеме контролата врз нашите клучни синџири на снабдување, повторно да ја индустријализираме економијата, да ја обновиме одбраната и да се бориме за доминација во технологиите и индустриите на иднината. Избираме да достигнеме нови граници во напредното производство и суперинтелигенцијата, во дроновите, оружјето, во чиповите, минералите, сајбер-просторот и во секоја друга сфера на човечките можности, посочи Рубио.

За односите со Европа, порача дека не треба да се дозволи да се прекинат, нагласи дека веруваат дека „Европа може да се разбуди од својот долг сон и повторно да го разгори огнот што бил запален овде пред илјадници години“.

– Веќе има знаци низ целиот континент. Сведоци сме на она за што се надеваме дека ќе биде почеток на генерациска промена. Нагло зголемување на трошоците за одбрана, низа нови партнерства и програми, проширување на производството и индустриските капацитети. По историските обврски за одбраната преземени минатата година во Хаг. Грција беше во центарот на оваа промена. Народот на оваа земја уште еднаш се покажа како незаменлив пријател на Европа и на Соединетите Американски Држави, во сите области, од енергетиката и миграцијата до одбраната, каде што Грција беше пример за сојузник. Нашата искрена надеж е дека цела Европа ќе го следи вашиот пример, порача Рубио.

Рече дека визијата на САД минатиот месец се виде на дело „во историскиот нов договор меѓу Соединетите Држави, Данска и Гренланд – договор што ќе го преобликува Арктикот и ќе ја зајакне безбедноста на целото НАТО“.

Посочи дека сите три партнери во тој договор излегоа како победници, а токму тоа, посочи е и целата на САД, „да победиме заедно“.

Американскиот државен секретар во Атина е за шестиот круг од Стратешкиот дијалог САД-Грција, утрово се сретна со шефот на грчката дипломатија, а по говорот на Пника замина за Премиерската палата на средба со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис.

Ad
Ad