Регион
Мицотакис и Рубио го потврдиле историски високото ниво на грчко-американските односи
Историски високото ниво на грчко-американските односи, било потврдено на средбата на премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис и државниот секретар на САД Марко Рубио, информираа од кабинетот на Мицотакис, јави дописничката на МИА од Атина.
Според истите информации на средбата била потврдена и заемната волја за дополнително продлабочување и проширување на билатералната соработка во одбраната и безбедноста, енергетската безбедност, трговијата, инвестициите, технологијата, поморството, образованието и културата.
Грчкиот премиер ја истакнал улогата на Грција како столб на стабилноста и безбедноста во Источниот Медитеран, како сигурен партнер и сојузник, со клучна улога за безбедноста на партнерите и сојузниците во период на големи геополитички престројувања и нестабилност во поширокиот регион.
На средбата биле разменети мислења за прашања и проекти за поврзаноста, кои ја зајакнуваат енергетската безбедност и регионалната поврзаност, а биле разгледани и последните меѓународни и регионални случувања, со акцент на Украина, Иран, Блискиот Исток и поширокиот Источен Медитеран.
На почетокот на средбата Мицотакис рече дека во моментов односите меѓу двете земји, според него, се на највисоко ниво досега.
– Грција не е само столб на стабилноста во турбулентен регион, туку и мост меѓу Европа, Западот, Соединетите Американски Држави, Блискиот Исток и арапскиот свет, земјите од Советот за соработка на Заливот. Во таа смисла, да, се согласувам со вас дека сме незаменлив партнер за Соединетите Американски Држави, посочи Мицотакис.
Изрази задоволство што односите меѓу двете земји од традиционалната соработка на политичко ниво се унапредија и во областа на безбедноста, но и дека „енергијата и поврзаноста сега имаат особено значење во билатералните односи“.
– Особено ме радува што Грција инвестираше значителни ресурси за да стане влезна точка за американскиот течен природен гас во Европа. Веќе сме снабдувачи на енергетска безбедност за нашите северни соседи. Дополнително, големо значење им придаваме на проектите за поврзаност, на огромната улога што ја има грчкото поморство во транспортот на стоки и, секако, на заедничкиот интерес што го делиме за зачувување на слободата на пловидбата, која е од витално значење за функционирањето на глобалната економија, посочи Мицотакис.
Американскиот државен секретар рече дека „историскиот сојуз меѓу САД и Грција е длабоко втемелен во историјата и се темели на многу силни столбови на заедничка култура и заеднички вредности“.
Посочи дека соработката одамна не е ограничена само на прашањата од областа на одбраната или само на дипломатските прашања, туку е проширена и на економијата, трговијата, меѓународните поморски права и безбедноста, како и на енергетиката.
– Како што рековте, околу вас во овој регион има многу фактори на нестабилност и несигурност. Но, тоа што ве имаме вас како толку силен партнер и што продолжуваме да го градиме тој однос на начин што е од заемна корист, е од големо значење. Сметам дека можеме да направиме многу во економијата, енергетиката и трговијата, што ќе биде од корист и за граѓаните на Грција и за граѓаните на Соединетите Американски Држави, истакна Рубио.
Веднаш по средбата во Премиерската палата, Мицотакис приреди вечера во чест на американскиот државен секретар.
октомври 8, 2026


