Свет
Норвешка преку зголемување на ресурсите на разузнавачките служби го засилува надзорот врз Русија
Владата на Норвешка предлага зголемување на ресурсите на разузнавачките служби со цел да се засили надзорот врз соседна Русија.
Во нацрт-буџетот за 2027 година, претставен денеска, владата предлага зголемување на финансирањето за Норвешката разузнавачка служба за приближно 400 милиони круни (над 37 милиони евра) во текот на следната година, без притоа да го прецизира нејзиниот вкупен буџет.
– Треба брзо, правилно и прецизно да ги разбереме случувањата околу нас. Важно е разузнавачките служби и вооружените сили да поседуваат стабилен и траен капацитет за процена на заканите во областите од интерес за Норвешка и за обезбедување навремени предупредувања, изјави министерот за одбрана Торе Сандвик.
Нацрт-буџетот предвидува и зголемување на финансирањето за 250 милиони круни (23,3 милиони евра) за домашната разузнавачка служба.
Норвешкиот министер за финансии и поранешен генерален секретар на НАТО, Јенс Столтенберг посочи дека Норвешка планира да издвои 3,4 отсто од бруто-домашен производ (БДП) за одбраната во 2027 година, со што ќе се доближи до целта од 3,5 проценти до 2035 година, усвоена од земјите-членки на Алијансата.
Бидејќи владата нема парламентарно мнозинство, потребна ѝ е поддршка од неколку партии за да го усвои предлогот, а можно е предлогот да претрпи и измени.
Норвешка, која дели копнена граница на Арктикот долга 198 километри со Русија, често се опишува како „очи и уши“ на НАТО на Далечниот Север. Норвешка се наоѓа во непосредна близина на полуостровот Кола, каде што Русија има распоредено значителен дел од својот нуклеарен арсенал.
октомври 7, 2026
