Connect with us

Вести

Инвестициите во железницата се реализираат одлично, работиме на пругата кон исток и на брзата пруга на Коридорот 10, вели Николоски

Тендерот за изградба на третата фаза за пругата кон Бугарија е веќе објавен на страната за јавни набавки на ЕУ. За тунелот, работните групи на Македонија и Бугарија веќе технички работат, а проектот за брза пруга на Kоридорот 10 се реализира во согласност со договорената динамика и роковите – појасни заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

– За третата секција, најкомплицираната од Крива Паланка, односно таа треба да оди под Крива Паланка – тунелот е најголем што го има под градот, до влезот на меѓуграничниот тунел, веќе тендерите се објавени. Oбјавени се на официјалниот систем за јавни набавки на Европската Унија и ова е потврда за проектот, што е големо признание за работата на „Македонски железници – Инфраструктура“ и на Владата, што значи дека водите процес што е транспарентен. Знам дека ова на Венко Филипче, на Зоран Заев им е тешко за сфаќање, ама еве се случува. Рокот за доставување понуди е четири месеци и завршува на 20 јануари. Потоа одиме во процес на евалуација, кој очекувам да биде некаде деведесетина дена, односно три месеци, и тоа би значело дека некаде на крајот на април би требало да имаме избрано изведувач, кој би требало веќе од мај – јуни да почне да ја гради третата фаза – истакна Николоски.  

Тој потенцира дека втората фаза од Бељаковце до Крива Палана се очекува да се заврши 2028 година.

– Рокот за завршување е до 2028 година, имајте предвид дека во моментот прогресот на работите е 40 %, она што ќе го стигнеме во рок. Месечната динамика веќе оди помеѓу 2 и 2,5 %, што значи дека стигнуваме до крајот на 2028 година, што ќе е прв видлив бенефит за македонскиот граѓанин затоа што ќе има веќе меѓуградски воз, кој ќе сообраќа на линијата Скопје – Куманово – Крива Паланка – истакна Николоски. 

Во однос на брзата пруга на Коридорот 10, вицепремиерот Николоски потенцира дека се работи во согласност со зададените рокови.

– Рокот беше до 31 август да бидат завршени сите студии, вкупно шест, и тие се завршија во рок. Сега влегуваме во финалната фаза, а тоа е избор на куќа што ќе биде заемодавател. Заемопримател веќе имаме, тоа е „Македонски железници – Инфраструктура“ и избор на изведувач. Во зависност од собраниските процедури, кои единствено се надвор од мојата надлежност, како и на Владата, и во зависност од временските услови, ќе почнеме со активности на терен минимум март и април в гoдина – рече Николоски.

Во однос на каматите, тој истакна дека за овој проект ќе се плаќа најниска камата во целиот регион и најниска камата за кој било инфраструктурен проект сработен во државата, се посочува во соопштението на Министерство за транспорт.