Вести
КСЗД промовира Е-ресурсен центар, предупреди на дискриминација на бремени жени во работни односи и сексуално вознемирување во образованието
Дваесет и една претставка за дискриминација на бремени жени во работните односи се поднесени до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), а работата и работните односи остануваат област со најголем број пријави. На денешниот брифинг Комисијата го презентира и новиот Е-ресурсен центар за еднаквост и недискриминација, како и прелиминарните резултати од истражувањето за сексуално вознемирување во образованието, според кои најчесто се регистрирани вербални форми на вознемирување, а жените и техничкиот и административниот кадар се најизложени.
Заменик-претседателот на КСЗД, Зекир Абдула, информира дека во рамките на проектот е воспоставен Е-ресурсен центар, кој ќе биде достапен за институциите, граѓанските организации, медиумите, истражувачите и граѓаните.
Платформата на едно место ги обединува правните стандарди за еднаквост и недискриминација, релевантна судска и управна практика, истражувања, анализи, публикации и стручни ресурси од областа на заштитата од дискриминација.
Центарот е замислен како динамична база на податоци, која постојано ќе се надградува со нови материјали и информации, со цел да придонесе кон подобра информираност, поквалитетни истражувања и креирање политики засновани врз докази.
Абдула посочи дека преку онлајн-алатката ќе може да се внесуваат податоци и информации што ќе бидат корисни за унапредување на системот за заштита од дискриминација и ќе им бидат достапни на сите заинтересирани корисници.
Најголем дел од брифингот беше посветен на заштитата на бремените жени во работните односи, тема за која КСЗД неодамна донесе и општа препорака за заштита од дискриминација на жените поради бременост, раѓање и мајчинство во работните односи.
Од Комисијата посочуваат дека препораката е упатена до работодавачите од јавниот и приватниот сектор со цел доследна примена на законската заштита и спречување нееднаков или понеповолен третман на жените за време на бременост, раѓање и мајчинство. Препораката произлегува од предмети во кои КСЗД утврдила директна интерсекциска дискриминација врз основа на пол и род поврзана со бременост, раѓање и мајчинство во областа на работните односи.
Абдула нагласи дека Комисијата примила повеќе од 21 претставка од бремени жени, главно во случаи кога тие биле ангажирани со договори на определено време.
– Посебно интересно е тоа решенијата за прекинување на работниот однос ги добиваат кога работодавецот дознава дека тие веќе имаат намера да забременат или се веќе во фаза на бременост и во тој случај работодавецот го прекинува договорот за работа и ги става во една многу неповолна и несакана положба жените што се во фаза на забременување или веќе се бремени – рече Абдула.
Тој додаде дека работата и работните односи се најзастапена област во претставките пред Комисијата, со речиси 30 проценти од вкупниот број случаи што ги разгледува КСЗД.
На брифингот беа презентирани и прелиминарните резултати од истражувањето за сексуално вознемирување на работното место во образованието, спроведено во рамките на проектот VIOLET.
Истражувањето опфатило 1.057 вработени од 26 основни и средни училишта во 19 општини и сите осум плански региони во државата.
Според наодите, сексуалното вознемирување најчесто се појавува во вербална форма, а жените, техничкиот и административниот кадар се најизложени.
Како најчести форми се нотирани навредливи сексуални шеги и коментари, кои ги доживеале 5,5 проценти од анкетираните, непожелни дискусии за секс со 4,8 проценти и гледање со сексуална намера со 4,2 проценти.
Истражувањето регистрира и потешки облици на вознемирување. Несакан допир пријавиле 2,9 проценти од испитаниците, импликации за напредување во замена за сексуални услуги 2,1 проценти, закани со одмазда поради одбивање 2 проценти, а 1,7 процент пријавиле сексуален напад или однос без согласност.
Според податоците, жените се почесто изложени на сите форми на сексуално вознемирување, особено кога станува збор за злоупотреба на моќ и принуда.
И покрај овие наоди, во изминатите четири години пред КСЗД биле поднесени само две претставки за сексуално вознемирување. Во едниот случај постапката била запрена, а вториот бил препратен до надлежното Основно јавно обвинителство.
Од Комисијата оценуваат дека тоа укажува на потребата од поголема информираност за механизмите за заштита, но и охрабрување на жртвите и сведоците да ги користат достапните механизми за пријавување.
октомври 7, 2026
