Connect with us

Вести

Мицкоски: Официјално е потврдена средбата Муцунски – Петрова, ќе испратиме порака дека само со дијалог може да најдеме решение за моменталната состојба

Премиерот Христијан Мицкоски денеска информира дека е добиена официјална потврда за одржување билатерална средба на шефовите на дипломатиите на Македонија и Бугарија, Тимчо Муцунски и Велислава Петрова, утре во Софија, каде што се одржува меѓународна конференција на министерско ниво, посветена на развојот и стратешкото значење на Паневропскиот коридор 8.  

Форматот и начинот на нејзиното одржување, додаде Мицкоски, дополнително ќе бидат утврдени преку дипломатски ноти.

– Во текот на вчерашниот ден добивме официјална потврда за билатерална средба, а форматот и начинот дополнително ќе бидат договорени, стои во дипломатската нота. Така што, утре ќе има билатерална средба, ќе видиме во кој формат и како ќе изгледа таа средба, дали ќе биде pull-aside, дали ќе биде билатерална на маргините на самитот за Коридорот 8. Сепак, ова е мултилатерален настан, да видиме како тоа домаќинот ќе го организира – истакна Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање по пуштањето во употреба на новата детска градинка „8 Април“ во општина Шуто Оризари.

За пораките што ќе бидат испратени на средбата, истакна дека во фокусот ќе биде потенцирањето дека само со дијалог може да се надмине моментната состојба.

– Нашите пораките се јасни, дека само со дијалог можеме да дојдеме до решение од оваа состојба во која во моментот се наоѓаме, дека ние сме за добрососедски односи и сакаме што побргу да ја реализираме нашата стратешка цел, да бидеме дел од Европската Унија, нешто што многу одамна го заслуживме – истакна Мицкоски.

Во однос на пораката од претседателката на Бугарија, Илијана Јотова, која упати апел уште еднаш да се согледа европската политика за проширување и проблемот да не се претставува само како билатерален, премиерот Мицкоски порача дека ги познава европските вредности, но дека некои од земјите членки ги заборавиле по интегрирањето.

– Благодарам на советот. Јас во својата младост поминав многу години во самата Европска Унија и мене ми е многу јасна Европската Унија, јасни ми се вредностите на Аденауер, Шуман и Де Гаспери. Но, претпоставувам, некои од земјите членки кои се удобни во фотелјите во Брисел ги заборавија откога станаа земји членки – истакна Мицкоски.