Connect with us

Вести

Сиљановска-Давкова на одбележувањето 25 години СОС „Детско село“: Вложувањето во децата е вложување во нивната, но и во нашата иднина

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во својство на покровителка се обрати на одбележувањето на 25-годишнината од постоењето и работата на СОС „Детско село“ во Македонија во Македонскиот народен театар во Скопје.

Во обраќањето таа ги потсети возрасните на обврската да се грижат за децата и да бидат со нив и до нив не оставајќи ги сами кога им е тешко и кога се среќни.

– Домот е мала оаза на мир, емоционално прибежиште, првата заедница во која ја учиме најважната животна лекција: дека неслучајно сме тука и дека секое дете има своја мисија во животот. За многу, многу деца и млади, токму ваков дом беше, е и ќе биде СОС „Детско село“ – истакна Сиљановска-Давкова.

Навраќајќи се на 25-годишната работа на организацијата, таа ги детектира видливите успеси во превенцијата, зајакнувањето на семејствата и заштитата на децата, како и улогата на згрижувачите како најблиски до децата.

Охрабрувајќи ги да ја продолжат благородната мисија, Сиљановска-Давкова укажа дека децата никогаш нема да ги заборават добриот збор, подадената рака и утехата на добрите луѓе.

– Дозволете ми да ви го честитам јубилејот, да ви ги честитам 25-те години СОС „Детско село“, прекрасно село, убедена дека вложувањето во децата е вложување во нивната, ама и во нашата иднина – порача претседателката.

Јубилејната програма преку видеопроекции, сценски и музички изведби, лични приказни и доделување признанија ја претстави 25-годишната мисија на организацијата, нејзините резултати и значењето на згрижувачите, младите, институциите, компаниите, здруженијата и партнерите во создавањето широка мрежа на поддршка за децата и семејствата.

СОС „Детско село“ е дел од меѓународната мрежа на СОС-детски села, посветена на заштитата и унапредувањето на правата на децата, поддршката на децата и младите без родителска грижа и на оние што се во ризик да ја загубат грижата од своите родители.