Вести
МВР: Во акцијата „Чистач“ досега од слобода лишени 5.628 лица, поднесени 1.135 кривични пријави и извршени 1.158 претреси
Во оперативната акција „Чистач“, која се спороведува од септември 2024 година, досега од слобода се лишени 5.628 лица, поднесени се 1.135 кривични пријави и извршени се 1.158 претреси во борбата против насилниот криминал, недозволената трговија со дрога и прекуграничниот криминал – информира Министерството за внатрешни работи.
„Чистач“ се спроведува на територијата на целата држава преку Одделот за криминалистичка полиција, во координација и содејство со сите сектори за внатрешни работи и регионалните центри за гранични работи, а во рамките на активностите преземени во согласност со оперативната акција спречени биле и повеќе меѓународни канали за недозволена трговија со наркотични дроги, особено на граничните премини Табановце, Деве Баир и Стар Дојран.
Акцијата, како што посочуваат од МВР, е насочена кон детектирање, следење и расветлување на состојбите и општествено девијантните појави, како и откривање и сузбивање кривични дела од областа на насилниот криминал, недозволената трговија со дрога и прекуграничниот криминал.
Од почетокот на оперативната акција „Чистач“ до денес, полициските службеници извршиле проверка и утврдување на идентитетот на 74.229 лица, а извршени се 158.955 прегледи на лица, превозни средства и багаж. Во рамките на преземените мерки и активности, лишени од слобода се вкупно 5.628 лица, извршени се 1.158 претреси на домови и други простории, а поднесени се 1.135 кривични пријави. Од вкупниот број кривични пријави, нагласуваат од МВР, 88 се однесуваат на сторени кривични дела од областа на насилниот криминал, а 1.047 кривични пријави се однесуваат на кривични дела поврзани со недозволена трговија со дрога.
Во текот на реализацијата на акцијата запленети биле значителни количини разни видови наркотични дроги, меѓу кои марихуана, кокаин, амфетамин, хероин, хашиш и таблети МДМА, како и оружје, парични средства, повеќе патнички моторни возила и мобилни телефони.
За сторителите на кривичните дела, во согласност во законските процедури и одлуките на надлежните органи, определени се мерки притвор, а во дел од случаите се изречени и затворски казни.
– Реализираните активности и постигнатите резултати во рамките на оперативната акција „Чистач“ укажуваат на значително унапредување на ефикасноста и ефективноста на откривачката дејност на полициските службеници од сите сектори за внатрешни работи и регионални центри за гранични работи. Министерството за внатрешни работи и во наредниот период ќе продолжи со спроведување координирани мерки и активности, акциски денови и засилени контроли на целата територија на државата, со цел навремено откривање, спречување и сузбивање на криминалните активности поврзани со насилниот криминал, недозволената трговија со дрога и прекуграничниот криминал – се вели во соопштението.
октомври 6, 2026
