Свет
Нови случаи на заразени со маларија во Франкфурт
Откако неколку вработени на аеродромот во Франкфурт се разболеа од маларија во јули, во тој град беа потврдени уште два случаи кај луѓе кои немале контакт со аеродромот или претходно престојувале во области каде што маларијата е ендемска, објавија германските медиуми.
Двете лица живеат во Шванхајм, предградие на Франкфурт во близина на аеродромот, поради што градската здравствена служба ги засили мерките за надзор и ги повика граѓаните да се заштитат од комарци, објави „Билд“.
Здравствената служба на Франкфурт најави дека примероци од комарците ќе бидат испратени на анализа во тропски институт во Белгија.
Здравствените власти им препорачаа на жителите да користат средство против комарци и да носат облека што го покрива поголемиот дел од телото. И покрај новите случаи, здравствената служба проценува дека ризикот од пренесување на маларија во Франкфурт е низок, наведувајќи дека климатските услови во Германија не се поволни за циклусот на развој на комарци и предизвикувачкиот агенс на болеста.
Комарците од родот Анофелес, кои можат да пренесат маларија, според Хесеншау, обично патуваат на растојание од околу два километри, поради што властите ја истражуваат можноста комарците да пристигнале во градот во багажот на патниците.
Од јули, маларија е потврдена кај шест вработени на аеродромот во Франкфурт, сите кои работеле во обработка на багаж, од кои двајца починале.
Како се заразиле двете лица се уште не е познато и случајот е предмет на епидемиолошко истражување.
септември 18, 2026
