Забава
Дел од британските пратеници побараа од Владата традиционалните капи од мечкино крзно да се заменат со капи изработени од синтетички материјал
Група од 18 британски пратеници и член на Домот на лордовите ја повикаа Британската влада да ги замени традиционалните капи на кралската гарда, изработени од вистинско мечкино крзно, со синтетички материјал. Според пратениците од Лабуристичката, Либералдемократската и Зелената партија, употребата на мечкино крзно од Канада е неоправдано.
„Го повикуваме Министерството за одбрана да ги откаже новите нарачки додека не биде пронајдено соодветно решение“, се наведува во соопштението упатено до британскиот министер за одбрана Лук Полард, нагласувајќи дека карактеристичните капи треба да бидат модернизирани за да се усогласат со современите етички стандарди и политиката за заштита на животните.
Според податоците од организацијата за заштита на животните „ПЕТА“, бројот на нарачани капи изработени од вистинско мечкино крзно се зголемил од 22 во 2024 година на 96 во 2025 година.
Капите се дел од британската воена традиција повеќе од два века. Тие биле воведени по битката кај Ватерло во 1815 година, а членовите на кралската гарда ги носат при обезбедување на Бакингемската палата и Палатата Сент Џејмс во Лондон.
септември 16, 2026
