Connect with us

Свет

Истражување: Индикаторите за демократија во САД на најниско ниво во последните 50 години

Клучните индикатори за демократија во Соединетите Американски Држави паднаа на најниското ниво во последните 50 години, покажа годишниот извештај на Меѓународниот институт за демократија и изборна помош (International IDEA).

Според податоците на организацијата со седиште во Стокхолм, независноста на правосудството, кредибилните избори, слободата на изразување, слободата на печатот и пристапот до правда ширум светот се на најниски нивоа во најмалку три децении.

Извештајот опфаќа 174 земји и ги следи нивните демократски перформанси од 1975 година. International IDEA наведува дека падот во САД е посебно изразен, но дека е дел од поширок глобален тренд. 2025 година беше 11-та последователна година во која повеќе земји забележаа влошување отколку напредок на демократијата, што е најдолг континуиран пад откако се води евиденција.

Според нивната оценка, Трамп брзо акумулираше моќ во извршната власт и ја користеше за остварување лични цели и „одмазда против оние што ги доживува како непријатели“, што, како што наведуваат, имаше широки последици по владеењето врз правото во САД и на меѓународно ниво, како и врз долгогодишните сојузи и мултилатералната соработка.

Генералниот секретар на International IDEA, Кевин Касас-Замора, предупреди дека ризикот од судири се зголемува со влошувањето на демократијата.

– Клучната порака од нашето истражување е дека инвестирањето во демократијата треба да биде во сржта на безбедносната стратегија на секоја земја – рече тој.

Податоците од Програмата за податоци за конфликти во Упсала, со седиште на Универзитетот во Упсала во Шведска, покажуваат дека 2025 била година со најголем број насилни судири, вклучувајќи и најголем број меѓудржавни судири, од почетокот на нивното следење во 1946 година.

Извештајот на International IDEA истовремено наведува и позитивни поместувања, вклучувајќи ја Австралија, каде што групите на граѓанското општество беа консултирани за стратегијата против расизам и приватноста на децата на интернет, како и Сирија, по соборувањето на власта на Башар ал Асад.

Касас-Замора рече дека настаните во САД влијаеле и врз други земји. International IDEA во 2021 година за првпат ги вклучи САД на листата на демократии кои „назадуваат“, укажувајќи на „видливо влошување“ кое, според проценката на организацијата, започнало во 2019 година.

International IDEA своите проценки ги заснова врз 50 години демократски индикатори, а земјите ги вбројува во една од трите категории: демократии, „хибридни“ влади и авторитарни режими.

На глобално ниво, владеењето на правото беше најслабата област на демократијата во 2025 година. Вкупно 71 земја, односно 41 процент од проценетите држави, се вброени меѓу земјите со низок резултат, додека во 29 земји е забележано дополнително влошување. И покрај позитивните знаци во Непал, Бангладеш и други земји, извештајот во целина прикажува „морбидна слика“.