Вести
Трибина на Меѓаши: Децата и младите многу време поминуваат во дигиталниот свет, неопходно е да се зголеми свеста и да бидат безбедни

Децата и младите многу време поминуваат во дигиталниот свет, неопходно е да се зголеми свеста и да бидат безбедни, беше кажано на денешната трибина „Заштита на децата од онлајн сексуална злоупотреба и материјали поврзани со сексуална злоупотреба на деца CSAM“, организирана од првата детска амбасада во светот, „Меѓаши“.
Притоа беше подвлечено дека станува збор за еден од најсериозните предизвици на дигиталната ера.
Драги Змијанац, претседател и соосновач на „Меѓаши“, рече дека заеднички и здружени можеме да направиме многу, за заштита на децата во дигиталниот простор.
Клементина Добревска, програмски менаџер во „Меѓаши“, потсети дека едно од правата на децата, е да бидат безбедни, како во живо, така и во дигиталниот простор.
Да ја зголемиме свесноста во однос на тоа дека дигиталниот простор многу лесно може да стане мета за секој од нас, особено за децата и младите, подвлече таа.
Билјана Пејоска Ристеска, претставник од Министерство за дигитална трансформација, најави отворање на центар за побезбеден интернет, во рамките на Министерството, со едукативна, превентивна и заштитна цел. Ќе биде специјализиран за деца и младинци, но се дошло до констатација дека треба да бидат опфатени и сите други, установи, родители, наставници, старатели, едукатори, поширока таргет група. Изминатиот период сево ова функционирало во рамките на проект, за кој таа рече дека бил успешен.
Интернетот не може да се забрани. Интернетот не може да ги забрани ниту користењето на апликации. Но, затоа сме тука, на еден едукативен, превентивен начин, со подигнување на свеста, да укажеме на правилно користење, правилно насочување во позитивна смисла и позитивни цели на интернетот, подвлече Пејоска Ристеска.
Весна Трпевска, началник на одделение – сектор за компјутерски криминал, претставник од Министерството за внатрешни работи, зборуваше за механизмите за рана детекција и превенција од ширење на штетен материјал поврзан со сексуалната злоупотреба на деца, процесот од пријавување до заштита и ефективноста на интервенциите за сторителите. Таа рече дека е ова една од најтешките теми поврзана со најранливата категорија, децата.
– Во план ни е реорганизација во секторот, со посебно одделение за овој дел кривични дела, информираше таа.
Од трибината беше упатена порака да се биде внимателен на интернет. Се подвлече важноста да се разговара со децата и младите, околу тоа како да научат да се заштитат и да бидат безбедни во дигиталниот свет. Беше побарано да се вклучат сите засегнати страни во креирање на ефективни решенија.
септември 19, 2025