Вести
Андоновски: Вештачката интелигенција е револуционерна технологија, но треба да се развива со одговорност

Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, е учесник на престижниот Импакт самит што оваа недела се одржува во Букурешт, Романија. На денешната панел-дискусија на тема: „Вештачка интелигенција – револуција, апокалипса или големо разочарување?“, министерот се осврна на значењето на одговорниот развој на вештачката интелигенција.
– Вештачката интелигенција е револуционерна технологија со потенцијал да ги трансформира економиите и општествата. Но, не смееме да дозволиме нејзината брзина на развој да ја надмине нашата способност за одговорно управување, изјави Андоновски.
Тој истакна дека Владата активно работи на градење на правна, етичка и технолошка рамка за безбедно и инклузивно користење на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Ова издание на „Импакт Букурешт“ собра голем број светски лидери, експерти и визионери од областа на технологијата, политиката и бизнисот.
Особено внимание привлече и обраќањето на Мишел Обама, сопругата на поранешниот претседател на САД, Барак Обама, која зборуваше за влијанието на новите технологии, лидерството и иновациите. Свое обраќање на отворањето имаше и градоначалникот на Букурешт, Стелијан Бујдувеану.
септември 19, 2025