Свет
Кос предлага новите членки на ЕУ привремено да се откажат од правото на вето и да подлежат на заштитни клаузули
Новите членки на Европската Унија по приемот треба да се откажат од правото на вето на одлуките што во Унијата се носат со консензус, а постои и можност да им бидат ускратени финансиски средства доколку назадуваат во областа на владеењето на правото или ги загрозуваат интересите на Унијата, пишува берлинскиот портал „Table.media“, повикувајќи се на предлогот за реформа на процесот на проширување на ЕУ во кој имал увид.
Според нацртот на реформата, аранжманот со кој нова членка на ЕУ би се откажала од правото на вето за одреден период би можел да има форма на декларација што би го придружувала договорот за членство. Дел од реформата се и дополнителни механизми за заштита што би се применувале за новите членки на ЕУ кои покажуваат сериозно назадување, пишува table media. Преку тој механизам, ЕУ би имала право да ѝ одбие финансиски средства на новата членка и за ограничен период.
Во нацрт-законот за реформи, се предвидува можност ЕК да предложи новата членка на ЕУ привремено да биде суспендирана од донесување одлуки во Европскиот совет и Советот на ЕУ, односно конкретно е наведено дека правото на глас ќе биде одземено.
Нацрт-законот за реформи го подготви комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, а во него се наведува дека поголема ЕУ бара побрзо и поефикасно донесување одлуки. Кос планира да презентира нацрт-закон наречен „Анализа на политиките пред проширувањето“ на 30 септември.
Како дел од чекорите за забрзување на донесувањето одлуки во новата, потенцијално значително поголема ЕУ, се предвидува дека секогаш кога е можно, наместо консензус, одлуките ќе се донесуваат со квалификувано мнозинство.
Се додава дека наједноставниот начин да се направи ова е да се искористи можноста за пофлексибилно донесување одлуки без измена на Договорот за функционирање на ЕУ, кој предвидува задолжително едногласно донесување одлуки во надворешната и безбедносната политика и одредени финансиски прашања.
Сепак, би била вградена и „рачна сопирачка“, која предвидува можност членката да го проследи спорното прашање до Европскиот совет. Исто така, се споменува механизмот од Јанина, кој предвидува колкав процентен удел во вкупното население на ЕУ и удел во бројот на членки на ЕУ е потребен за да се блокира одлуката.
Комисијата сака да ги подготви главните институции на ЕУ за новата, поголема Унија. Еден од предлозите е да се намали бројот на членови на Европската комисија на две третини од бројот на членови, што значи дека секоја земја нема да има свој европски комесар како порано.
Европскиот совет треба да усвои систем на ротација што би ја одразувал демографската и географската разновидност. За Европскиот парламент, кој сега има 720 пратеници, Марта Кос верува дека има капацитет да прими поголем број пратеници, но таа исто така проценува дека тоа нема да биде случај засекогаш.
Се очекува во говорот за состојбата на Унијата, во среда, 16 септември, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, да се осврне на прашањето како ЕУ треба да се подготви за нови земји-членки, 13 години по последното проширување. Проширувањето ќе биде тема и на октомврискиот самит на ЕУ, кога се очекуваат и извештаи за напредокот на земјите-кандидатки на европскиот пат, објави table.media.
септември 14, 2026
