Општини
Промовирана програмата Green & Growth за Битола и Кичевo

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) во партнерство со Фондот за чиста технологија ја промовираа Програмата Green & Growth во Битола и Кичево, која е креирана да го поттикне зелениот раст на регионалните економии во југо-западниот регион на земјата и Пелагонија.
Овој нов финансиски производ, кој за прв пат е креиран за одделни региони, има за цел да промовира инвестиции и да го зајакне капацитетот на малите и средни претпријатија (МСП) и корпоративниот сектор во процесот на зелената трансформација.
Програмата Green & Growth ги комбинира:
(i) финансирањето преку кредитни линии кои се достапни од ЕБОР преку банките учеснички НЛБ Банка и Шпаркасе Банка,
(ii) инвестициска поддршка во форма на грант во износ од 10– 15 % од искористеното финансирање (грантовите се достапни после успешно завршување на инвестицијата),
(iii) бесплатна техничка помош за финансиските институции и финалните корисници кои што се поддржани од Фондот за чиста технологија,и
(iv) советодавни услуги за малите бизниси.
Наум Рибароски, Помошник Директор, ЕБОР ја објасни причината за креирање на ваков инструмент: ,,Овој финансиски производ е дел од пошироката Програма за праведна енергетска транзиција (Just Energy Transition Investment Program – JETIP) која има за цел да и помогне на земјата да ги надмине состојбите на претстојното затворање на централите кои работат на јаглен. Преку Програмата Green & Growth, финансирањето во форма на наменски кредити ќе биде обезбедено на локалните компании од сите големини во Пелагонија и југо-западниот регион, кои се најмногу погодени од ефектите на декарбонизација во земјата“.
Градоначалниот на Кичево, Фатмир Дехари, го истакна значењето на Програмата за поттикнување на зелената економија, изјавувајќи: ,,Праведната транзиција, како холистичка и координирана активност на национално и регионално ниво, се продлабочува со промовирањето на Green & Growth Програмата за поддршка на регионалните бизниси, како и поттикнувањето на транзицијата на зелената економија.”
Градоначалникот на Битола, Тони Коњановски изјави: ,,Зајакнувањето на отпорноста и конкурентноста на регионалните бизниси директно влијае на нашата заедница, преку креирање на нови ,,зелени” работни места, развој на ,,зелени” вештини и подобрување на економската моќ.”
Програмата Green & Growth е еден чекор напред кон постигнување на целите за декарбонизација на Македонија и праведна транзиција. Преку понудата на достапно финансирање на зелените инвестиции, се стреми кон зајакнување на регионалните бизниси во насока на примена на почисти технологии, подобрување на енергетската ефикасност и поттик на одржлив раст.
Деловните ентитети можат да добијат повеќе информации за самата Програма и начините како да аплицираат во истата, во Шпаркасе Банка и НЛБ Банка.
По приклучувањето на Македонија кон ЕБОР во 1993 година, Банката има инвестирано над ЕУР 3 милијарди во 205 проекти во земјата, вклучувајќи ЕУР 151 милиони во 13 проекти во 2024 година.
септември 18, 2025