Регион
Хрватска: На Брач избувна голем пожар, исклучена е струјата, на терен се десетици пожарникари
Голем пожар избувна доцна синоќа на хрватскиот остров Брач, на потегот меѓу населените места Ложишќа и Драчевица, каде што 40 пожарникари со 13 возила се борат со огнената стихија. Поради пожарот е исклучен локалниот далновод, а локалниот пат е затворен за сообраќај.
Од Противпожарниот центар Брач соопштија дека гаснењето е сериозно отежнато поради промените во правецот на ветерот, поради што пожарникарите мораат постојано да ги прераспоредуваат возилата и екипите на теренот.
– На терен се 40 пожарникари и 13 возила, кои сме принудени да ги прераспоредуваме на повеќе места бидејќи ветерот го менува правецот на дување, па така се менува и правецот на ширење на огнениот пламен – изјавија за Хина од Противпожарниот центар.
Оттаму истакнаа дека станува збор за голем пожар на ненаселен и непристапен терен и дека, според првичните информации, куќите засега не се загрозени.
Пожарникарите успеаја да ги одбранат Ложишќа, а во текот на ноќта, околу четири часот наутро, продолжи борбата со огнот на подрачјето на Бобовишќа. Поради безбедност, полицијата веднаш го затвори за сообраќај локалниот пат во тој регион.
септември 11, 2026
