Свет
Молдавија соопшти дека полетувањето на авионот на Зеленски доцнело поради руски дрон
Владата на Молдавија денеска соопшти дека полетувањето на авионот на украинскиот претседател Володимир Зеленски од Кишињев било одложено поради привремено затворање на воздушниот простор, поради појава на руски дронови.
Портпаролот на молдавската влада Думитру Чорич соопшти дека на 8 септември, по 16:30 часот, воздушниот простор на земјата бил затворен откако бил откриен илегален влез на руски дрон од правец на Украина, за да се осигура безбедноста на летала кои во тој момент се наоѓале во молдавскиот воздушен простор, пренесува Укринформ.
Привременото затворање на воздушниот простор доведе до доцнење во полетувањето на три авиони во Молдавија и слетување на уште четири.
– Поради таа причина, авионот на претседателот на Украина Володимир Зеленски полета од аеродромот во Кишињев со задоцнување – нагласи Чорич.
Според соопштението на молдавската влада, по 17:20 часот била добиена потврда дека дронот се урнал и експлодирал во близина на селото Стари Михаиљани, на околу 160 километри од аеродромот во Кишињев.
Норвешкиот премиер Јонас Гар Стере вчера изјави дека дронот речиси го соборил авионот на Зеленски на патот од Молдавија кон Осло.
Молдавското Министерство за одбрана претходно соопшти дека во 16:20 часот детектирало дрон „шахед“ кој се упатил кон Кишињев и ја напуштил земјата преку округот Унгени, откако поминал 17 минути во молдавскиот воздушен простор. Подоцна истиот дрон се вратил од романската страна и се урнал во близина на селото Стари Михаиљани, каде што предизвикал пожар на нива.
септември 10, 2026
