Свет
Недостигот на правна сигурност и медиумската средина влијаат врз европската економија
Недостигот на правна сигурност и лошата медиумска средина негативно влијаат врз европската економија, наведоа експертите од ЕУ на денешниот состанокот на Работната група на Европскиот парламент за демократија, владеење на правото и фундаментални права на Комитетот за граѓански слободи, правда и внатрешни работи.
Алесандро Нукара од Директоратот за правни работи и заштита на потрошувачите на Европската комисија истакна дека многу европски компании пријавуваат недостиг на правна сигурност и изразуваат сомнежи за нееднаков третман од страна на властите.
– Бизнисот и инвестициите очекуваат независна правда. Медиумите, водени од јасни и транспарентни правила, го штитат не само демократскиот простор, туку и го поддржуваат функционирањето на единствениот пазар, истакна Нукара.
Тој додаде дека во најновиот извештај на ЕК за владеењето на правото констатирани се непредвидливост и сомнителен квалитет на правдата во некои земји од ЕУ.
Додека Амели Туртелбум, од Европскиот суд на ревизори, посочи дека состојбата на владеењето на правото во некои земји од ЕУ се влошила во изминатата деценија, а како земји со најлоши резултати се Бугарија и Унгарија.
– Единствениот пазар функционира добро кога правилата се јасни и предвидливи, истакна Туртелбум.
Според неа, податоците покажуваат дека во последно време се помалку кандидати аплицирале за јавни набавки во ЕУ, а тендерите со еден кандидат стануваат сè почести.
За 10 години, постапките со еден кандидат се зголемиле од 23 на речиси 50 проценти, а бројот на кандидати се преполовил. Ова е загрижувачко и води до пад на ефикасноста и зголемување на ризикот од злоупотреба на европските средства, потенцира Туртелбум.
септември 10, 2026
