Connect with us

Општини

Кашиковски: СУТКОЗ ги искористи сите законски права и го реши проблемот со неисплата на плати во Паркови и зеленило, Флораком и Луна

Вработените во повеќе јавни комунални и водоснабдителни претпријатија се соочуваат со ниски плати и нивна нередовна исплата, неисплаќање на регрес за годишен одмор, немањето на работна и заштитна опрема, истакна денеска на прес-конференција претседателот на СУТКОЗ Стојанче Кашиковски.

Нагласи  дека во повеќе јавни комунални и водоснабдителни претпријатија, СУТКОЗ како единствен репрезентативен синдикат за секторот снабдување со вода, отпадни води, управување со отпад и санација на околината, ја поддржа работничката борба за подобри услови.

-Синдикатот ги искористи сите законски права, вклучувајќи право на протест и штрајк. Благодарение на тоа, е решен проблемот со нередовната исплата на плата во ЈП Паркови и зеленило Скопје и во фирмите ќерки ДООЕЛ Флораком и ДООЕЛ Луна, каде вработените сега ги примаат платите редовно, нагласи Кашиковски.

Потсети и дека од 25 до 28 август, преку штрајк, вработените во ЈП ПУП Прилеп, кои меѓу другото обезбедуваат превоз на ученици, изразија незадоволство поради нередовна исплата на плати. Во ЈП Брегалница Делчево, по неколкупати организирани предупредувачки протести, директорот не ја почитуваше спогодбата за исплата на регресот за годишен одмор, па СУТКОЗ поднесе неколку кривични пријави.

Протестите, според Кашиковски,се крајна мерка, и нагласи дека најдобро е проблемите да се решаваат преку социјален дијалог.

Во таа насока, рече тој, СУТКОЗ реализира двегодишен проект „Промовирање и зајакнување на социјалниот дијалог во секторот за води преку иновативни пристапи“, финансиран од Европската Унија, за зајакнување на социјалниот дијалог во секторот за води, во соработка со синдикатите од Бугарија, Италија, Малта и Организацијата на работодавачи на Македонија.