Општини
Во Крива Паланка промовирани кандидатот за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ, Оливер Алексовски и советничката листа

Општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ од Крива Паланка синоќа на свеченост во НУ Центар за култура Крива Паланка ги промовираше кандидатот за градоначалник од своите редови за претстојните локални избори, Оливер Алексовски, како и советничката листа чијшто носител е Влатко Ристовски.
На промоцијата беше кажано дека Алексовски е човек што секогаш работи со максимална посветеност, одговорност и чесност и кој умее да ги слуша и поддржи граѓаните.
Алексовски има три децении искуство политички ангажман во ВМРО-ДПМНЕ, бил пратеник во Собранието на Република Македонија во еден мандат и доаѓа од областа на Министерството за внатрешни работи, кадешто има долгогодишно искуство во работата.
-Ќе работиме за просперитетна и развиена општина, економски силна и простојно место за живеење, со фокус на економскиот развој, да создадеме услови за инвестиции и отворање нови работни места, за нашите млади луѓе да имаат услови тука,дома, да ја градат својата иднина. Ќе работиме и на развој на инфраструктурата, капитални проекти, развој на туризмот, на спортот, образованието. Заедно ќе градиме нов концепт на градот за просперитетна иднина и подобра Крива Паланка за сите граѓани, рече Алексовски.
Пред граѓаните на Крива Паланка беа претставени петнаесетмината кандидати на ВМРО-ДПМНЕ кои ќе ја бараат поддршката од граѓаните на претстојните локални избори,осми по ред во државата, закажани за 19 октомври.
Носителот на советничката листа, Влатко Ристовски, рече дека во Советот на општината ќе бидат вистинскиот глас на народот, со носење одлуки за добробит на сите, а не да се водат од лични интереси, со порака дека граѓаните на Крива Паланка ќе умеат да го ценат сето она што ВМРО-ДПМНЕ и кандидатите и за градоначалник и советници го претставуваат: позитивни примери за достоинство, кредибилитет, чесност и посветеност во работата, за просперитетна Крива Паланка.
Пред присутните се обрати и Никола Мицевски, член на извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ и координатор на пратеничката група од оваа партија во македонското собрание, кој рече дека на 19 октомври од Крива Паланка ќе тргне победата, а граѓаните ќе ја изберат промената, за прогрес со вториот градоначалник од редовите на ВМРО ДПМНЕ во историјата на општината.
септември 17, 2025