Connect with us

Култура

Во велешкиот Театар се работи на две нови премиери

Во Театарот „Јордан Хаџи Константинов Џинот“ во Велес во тек се пробите за претставата „Нона“, дело на аргентинскиот драмски автор Роберто Коса, во режија на Дамјан Костовски. Паралелно се работи и на претставата „Мама, Алојз и јас“, во режија на Деан Дамјановски, работена според драмата на Космин Станила „Сите нешта кои ми ги зеде Алојз“.

Како што информираат за МИА од Театарот во Велес, во претставата „Нона“ станува збор за познатата црна комедија која преку хумор, апсурд и семејните односи отвора низа прашања за човекот, семејството и општеството. Во насловната улогана Нона  настапува Фаик Мефаилоски, а во претставата играат  : Кире Ацевски, Васил Зафирчев, Кети Борисовска, Благојчо Стојанов, Славица Манаскова и Талија Ѓорѓиева.

Паралелно се работи и претставата „Мама, Алојз и јас“, во режија на Деан Дамјановски, работена според драмата на Космин Станила „Сите нешта кои ми ги зеде Алојз“. Овој проект има особено значење за Театар „Џинот“, бидејќи со него актерката Слободанка Чичевска одбележува значаен професионален јубилеј – 45 години професионално актерско појавување и 40 години од нејзиното официјално вработување во велешкиот театар. Во претставата покрај Чичевска играат и првенецот на Велешки театар Васил Зафирчев и Филип Христовски.

Инаку во рамките на „Штипско културно лето“, во јули велешкиот театар премиерно го  изведе  копродукцискиот проект „ГОДО“, работен по мотиви на култното дело на Семјуел Бекет „Чекајќи го Годо“, во режија на Ѓорѓи Ризески.

Проектот е реализиран во копродукција на Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ Велес, НУЦК „Ацо Шопов“ – Театар Штип, НУЦК Трајко Прокопиев“ – Куманово и ЕДУИНФО МЕДИА – Штип.

Во „ГОДО“ настапуваат: Ефтим Трајчов Ѓаурски, Марко Трајковиќ, Жарко Спасовски, Марија Бреслиска и Јоана Панзова.

Преку современ сценски јазик, проектот ги отвора прашањата за човекот, иднината, технологијата, надежта и вечниот феномен на чекањето.

Воедно со „ГОДО“, Театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ ќе има можност повторно да ја претстави својата работа пред фестивалската публика ,  на овогодинешното издание на Фестивалот „Ристо Шишков“ во Струмица.

Од велешкиот театар потенцираат дека со  новите продукции, јубилејот на Слободанка Чичевска и фестивалското учество, Театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ продолжува активно да создава, да истражува и да ја потврдува својата улога како еден од значајните центри на македонскиот театарски живот.