Филм
Џони Деп во преговори за „Пиратите од Карибите 6“
Џони Деп е во преговори за враќање во улогата на пиратскиот капетан Џек Спероу во шестиот филм од серијалот „Пиратите од Карибите“ (Pirates of the Caribbean), потврди продуцентот на серијалот Џери Брукхајмер за „Дедлајн“ (Deadline).
Американскиот глумец првпат се појави како харизматичниот и авантуристички настроен љубител на рум, капетанот Спероу, во филмот „Пиратите од Карибите: Проклетството на црниот бисер“ од 2003 година. Улогата стана неговата најпрепознатлива и најпрофитабилна во неговата кариера, a му ја донесe и првата номинација за „Оскар“ за главна улога. Во авантуристичкиот филм инспириран од пиратскиот дел во тематскиот парк „Дизни ворлд“, исто така, глумеа и Кира Најтли, Орландо Блум и Џефри Раш, а приказната заработи над 650 милиони долари на светско ниво. Уште четири продолженија беа објавени помеѓу 2006 и 2017 година, при што серијалот заработи вкупно над 6 милијарди долари низ целиот свет.
Инаку, Деп во 2022 година, за време на судењето во САД за клевета на Деп против неговата поранешна сопруга Амбер Хард, под заклетва тврдеше дека „Дизни“ го исклучил од брендот и оти тој нема повторно да го глуми Спероу, дури и ако му бидат понудени „300 милиони долари“, потсетува „Гардијан“ (The Guardian).
Во 2022 година, поротата пресуди во корист на Деп, утврдувајќи дека Хард го наклеветила својот поранешен сопруг во статија во „Вашингтон пост“, каде што таа тврдеше дека „станала јавна личност што ги претставува жртвите на семејно насилство“. Деп потоа го глумеше Луј XV во историската драма на француски јазик „Жана ду Бари“ од 2023 година, а во 2024. го позајми гласот во цртаниот филм „Џони Паф: Тајна мисија“.
Дали публиката ќе го прифати неговото враќање како голема филмска ѕвезда, сепак, може да се открие и со неговата улога како Скруџ во филмот „Ебенизер“ (Ebenezer) во режија на Тај Вест, којшто треба да се прикажува од ноември.
август 19, 2026
