Општини
Мојсоска ја објави кандидатурата за градоначалник на Струга: Македонија е подалеку од Групчин

Дојде време мојата маленкост да ја објави кандидатурата за градоначалник на Струга, како еден од најголемите предизвици во мојот живот, затоа што Струга е местото со кое сум емотивно поврзана, местото кое ми ги подари најдобрите спомени и местото кое ме изградило и растело низ животниот пат, наведува Јована Мојсоска, пратеничка и кандидат на Левица за градоначалник на Струга во изјава за медиуми, што МИА ја пренесува интегрално.
Почувствував дека сега е моментот да го прифатам овој предизвик, затоа што стружани се уморни иднината на градот да се креира надвор од Струга и нашиот град постојано да биде паричка за поткусурување на „големите играчи“. Почувствував дека сега е моментот да им се покаже на големите играчи дека „Македонија е подалеку од Групчин“ и дека борбата не смее однапред да биде предадена.
За жал, Струга е заборавена и целосно игнорирана од секоја власт, полека исчезнува нејзиниот лик и сјај пред налетот на корумпираните шерифи – додека градот служи само за поделба на изборните „победи“ од владејачкиот колач. Градот на Охридското Езеро, кој има реноме во светската поезија, кој создал бројни историски херои, писатели, уметници – сега е препознатлив по уништеното крајбрежје, дивите депонии и хаосот од дивоградби кои демнат на секој чекор.
На овие избори нема да ветувам „брда и долини“, но можам да го ветам она што претходно Левица го покажа – а тоа е бескомпромисна БОРБА, борба водена од принципи и идеи, а не борба за тендери и привилегии. Сигурно ние не сме најдобрите, но покажавме дека имаме волја и срце да се бориме за она во кое веруваме дека е од најдобар интерес за мнозинството, а не за интересите на локалните шерифи.
Верувам и знам дека Струга може повеќе, Струга умее повеќе, Струга заслужува повеќе.
Нека овие избори бидат пресвртница на која ќе се покаже дека ГРАДОТ Е НАШ – А НЕ НИВНИ!