Connect with us

Свет

Италија го суспендираше Шенгенскиот договор со Шпанија

Италијанското Министерство за внатрешни работи денеска нареди затворање на поморските и воздушните граници со Шпанија, односно привремена суспензија на Шенгенскиот простор во однос на таа земја, по најновите безбедносни процени поврзани со миграциите и заштитата на границите поради случувањата во шпанската енклава Сеута.

Италија нема копнена граница со Шпанија, но мерката ќе влијае на луѓето што патуваат со авион или брод меѓу двете земји, што значи дека ќе треба да покажат пасош за да добијат пристап.

Одлуката беше донесена по седницата на Комитетот за анализа на миграциите и безбедноста на границите, со која во седиштето на Министерството за внатрешни работи во Рим претседаваше министерот Матео Пјантедози, јавија локалните медиуми.

Италијанското министерство наведе дека одлуката се темели на најновите разузнавачки податоци и процени на безбедносните служби.

Покрај тоа, за време на телефонскиот разговор меѓу италијанскиот министер и неговиот француски колега Лоран Нуњез беше договорено да се разгледа можноста за зајакнување на контролите долж копнената граница меѓу Франција и Италија, во рамките на претходно потпишаните договори за соработка меѓу полициските сили на двете земји.

Мерките следуваа во момент на засилени тензии поради мигрантската криза поврзана со ситуацијата во шпанската ексклава Сеута, каде што во последните денови беа забележани масовни обиди за преминување на границата од Мароко. Министерството за внатрешни работи (МВР) на Шпанија соопшти дека повеќе од 57 мигранти загинале обидувајќи се да се пробијат до градот Сеута. Според соопштението на МВР, во Шпанија илегално влегле 50.000 луѓе од почетокот на миграциската криза.