Connect with us

Свет

Вулканскиот облак од Етна достигна висина од седум километри

Вулканскиот облак од кратерот на Етна на Сицилија достигна висина од околу седум километри и се шири кон западниот сектор на вулканот, а забележано е и паѓање на пепел во местото Бронте, пренесоа денеска италијанските медиуми.

Во меѓувреме, активноста на исфрлање лава од кратерот Вораџине на Етна престана, а стромболската активност ослабна, наведуваат научниците.

Податоците од Опсерваторијата за Етна (ИНГВ) во градот Катанија покажуваат дека за време на пароксизмалната фаза, од кратерот Вораџине потекнал помал пирокластичен тек кон долината Вале дел Бове.

Како што наведуваат од Опсерваторијата, во однос на просечната амплитуда на вулканскиот тремор, по порастот кој почна утринава во 10 часот, таа веднаш нагло опадна, но остана во високиот опсег во кој сè уште се наоѓа.