Свет
Внуката на основач на „Амнести интернешнал“: Дедо ми не би се согласил со денешните ставови на организацијата
Изолт Вајт, внука на еден од основачите на „Амнести интернешнал“, соопшти дека повеќе нема финансиски да ја поддржува оваа организација поради нејзиниот спорен извештај во кој се критикуваат повеќе здруженија за правата на жените, оценувајќи дека нејзиниот дедо би бил „вџашен“ од денешните ставови на организацијата бидејќи се спротивни на вредностите за кои тој се залагал.
Вајт е внука на поранешниот ирски министер за надворешни работи и добитник на Нобеловата награда за мир Шон Мекбрајд, кој во 1961 година беше меѓу основачите на „Амнести интернешнал“, пренесе „ГБ њуз“.
Поводот за нејзината реакција е извештајот што неодамна го објави британскиот огранок на организацијата („Амнести интернешнал – Обединето Кралство“), во кој десетици организации за правата на жените, кои имаат критички ставови кон одредени современи пристапи кон родовиот идентитет, се опишани како „растечка закана“. Меѓу нив е и организацијата „Беирас плејс“ (Beira’s Place), основана од авторката на серијалот за Хари Потер, Џ. К. Роулинг.
Според Вајт, животното дело на Мекбрајд било насочено кон заштита на луѓето кои ги изразуваат своите убедувања од совест, а не кон нивно замолчување. Таа нагласи дека организациите како „Беирас плејс“ и „За жените на Шкотска“ (For Women Scotland) дејствуваат од принципиелни причини, а не од непријателство. Здружението „За жените на Шкотска“ беше дел од судската постапка што резултираше со одлука на Врховниот суд на Велика Британија со која беше утврдено дека законската дефиниција за жена се однесува на биолошкиот пол.
Вајт ја критикуваше и поддршката што ирскиот огранок на организацијата пред шест години ѝ ја даде на иницијативата на Трансродовата мрежа за еднаквост на Ирска, во чиешто отворено писмо медиумите и политичарите беа повикани да не им даваат простор на лица со, како што беше наведено, „нетолерантни ставови“. Според неа, таквиот пристап е целосно проблематичен за организација која првично била основана за заштита на затворениците на совеста.
По објавувањето на спорниот извештај, Комисијата за добротворни организации на Велика Британија покрена истрага за работата на „Амнести интернешнал – Обединето Кралство“, по што документот беше отстранет од интернет-страницата на организацијата, откако повеќе групи најавија правни постапки поради неговата содржина
јули 31, 2026
