Connect with us

Свет

Папа Лав XIV: Чуствувам голема љубов кон САД, но јас сум пастир на универзалната Црква

Папата Лав XIV, првиот поглавар на Католичката црква од САД, во интервју за Ен-би-си изјави дека има „голема љубов“ кон својата татковина и тоа што таа го претставува, но дека се смета себеси за повеќе „универзален пастир“ отколку за Американец.

Папата, роден во Чикаго како Роберт Франсис Превост, зборуваше за американска телевизиска мрежа синоќа на маргините на молитвено бдение во Кастел Гандолфо, папската летна резиденција.

„Чувствувам голема љубов кон Америка, но верувам дека мојата мисија има многу важна димензија, која се состои токму во фактот дека сум пастор на универзалната Црква и дека имам глас и можност да им се обраќам на луѓето од целиот свет“, рече папата, кој помина речиси две децении како мисионер во Перу.

На прашањето што најмногу му се допаѓа кај САД, тој одговори: „Толку многу работи“.

„Во извесна смисла, ако зборуваме за принципите, за тоа што претставуваат САД, го сакам тоа чувство на слобода, идејата за можност, подготвеноста да се прифатат луѓе од целиот свет со генерации за да станат дел од Америка“, рече 70-годишниот Свети Отец.

Тој нагласи дека неговите баба и дедо биле имигранти и дека од мајчина страна имал „предци кои биле и робови и робовладетели“. Неговиот дедо од таткова страна бил Италијанец, а неговата баба била од Франција.

Следејќи го примерот на својот претходник Франциск, од почетокот на неговиот понтификат, папата Лав постојано се залага за имигрантите, оценувајќи го третманот кон нив во САД од страна на владата на Доналд Трамп како „нехуман“.

На 4 јули, Денот на американската независност, тој го посети италијанскиот остров Лампедуза – една од главните влезни точки во Европа за мигрантите кои се обидуваат да го преминат Медитеранот од Африка. Оттаму, тој повика на толеранција и заштита на ранливите мигранти, од кои многумина ги губат своите животи за време на патувањето.

Американскиот папа, исто така, изјави за Ен-би-си дека се уште не е испланирана официјална посета на САД, но се надева дека наскоро ќе отпатува таму.