Култура
Кристоф Бенедиктер е лауреатот на Светската награда на хуманизмот за 2026 година
Проф. д-р Кристоф Бенедиктер, претседател на Европската асоцијација на истражувачи и професори и еден од најистакнатите современи европски интелектуалци и промотори на академската и културната соработка, е добитник на Светската награда на хуманизмот за 2026 година, што во чест на делото на Свети Климент Охридски ја доделува Охридската академија на хуманизмот.
Наградата за Бенедиктер му се доделува како признание за исклучителниот негов придонес во развојот на европскиот образовен, научен и културен простор, како и за неговата долгогодишна посветеност на Балканот како простор на европска интеграција, културна соработка и академски дијалог.
Како претседател на Европската асоцијација на истражувачи и професори, тој со децении работи на поврзување на универзитетите, научните институции и интелектуалните средини од Југоисточна Европа со водечките европски академски центри.
Следејќи ја визијата на австрискиот уметник и европеист Леополд Форстнер (1878–1936), современик и соработник на Густав Климт, Бенедиктер се залага за надминување на историските поделби преку културата, образованието и науката. Тој е еден од основачите на Музејот на Форстнер во Линц, каде се изложени експонати поврзани со Македонија.
Неговите бројни иницијативи, конференции и меѓународни проекти придонеле за афирмација на балканските научници, истражувачи и културни дејци во европски рамки и за создавање нови можности за соработка меѓу народите од регионот.
Според образложението на Меѓународното жири што ја доделува наградата, Бенедиктер преку својата работа ја потврдува идејата дека Балканот не е периферија на Европа, туку едно од нејзините суштински духовни и културни средишта, каде што се среќаваат традициите на Истокот и Западот.
Тој е дваесетти добитник на ова високо меѓународно признание. Меѓу досегашните лауреати се нобеловците Александар Солжењицин и Херта Милер, како и Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел де Оливеира, Романо Проди и Светлана Мојсов.
Во писмото упатено до претседателот на Меѓународното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш, Бенедиктер се заблагодарил за признанието, истакнувајќи дека Охрид е едно од најзначајните духовни и културни средишта на Европа, чија традиција на знаење и хуманизам претставува инспирација за современиот свет.
Наградата на лауреатот ќе му биде врачена на свечена церемонија што на 9 август 2026 година ќе се одржи во Куќата на Уранија на Македонската академија на науките и уметностите во Охрид.
Во рамки на свеченоста ќе бидат одбележани и вредностите на Охридската книжевна школа, основана од учениците на Светите Кирил и Методиј, како еден од темелите на европската духовна и културна традиција. На настанот се очекува присуство на претставници на академски институции, универзитети, културни организации и јавни личности од Европа и светот.
На свеченоста предвидено е обраќање на истакнати научници, професори, академици и претставници на меѓународни институции, кои ќе ја нагласат улогата на Охрид како симболично средиште на духовните вредности, толеранцијата и меѓународната соработка.
Во таа пригода на Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан ќе му биде врачена Големата повелба на хуманизмот по повод 40-годишнината од неговото замонашување.
Настанот се организира со поддршка на Министерството за култура и туризам, Општина Охрид и повеќе меѓународни академски и културни институции.
јули 31, 2026
