Свет
Украински „Ф-16“ соборен во борбена мисија, пилотот безбедно се катапултирал
Украинските воздухопловни сили вчера изгубија контакт со борбен авион „Ф-16“ за време на борбена мисија по вонредна ситуација на авионот – потврди војската.
„Пилотот е безбеден. Тој беше успешно евакуиран и пренесен во медицинска установа за преглед и дијагностички тестови“, објавија украинските воздухопловни сили.
Според војската, пилотот учествувал во мисија за пресретнување руски воздушни цели на дел од линијата на фронтот кога, поради вонредна ситуација во летот, бил принуден да се катапултира.
Експерти и истражители работат на местото на несреќата, а властите известија дека немало цивилни жртви или материјална штета на земјата. Истрагата е во тек.
Борбениот авион „Ф-16“ се користи во офанзивни и одбранбени операции. Овие авиони беа распоредени за пресретнување руски ракети и беспилотни летала за време на воздушните напади врз Украина, но и за лансирање ракети кон руски позиции по должината на линијата на фронтот.
Украинските вооружени сили објавија дека точната причина за вонредната состојба сè уште не е утврдена и дека истрагата е во тек. Дополнителни детали за рутата на летот и делот од фронтот во кој се случил инцидентот не се објавени.
Украина користи борбени авиони „Ф-16“ од 2024 година кога сојузничките земји почнаа да ја снабдуваат со овој тип авиони за да ја зајакнат нејзината воздушна одбрана од континуираните руски ракетни и напади со беспилотни летала.
Ова не е прва загуба на „Ф-16“ во украинските воздухопловни сили. Во август 2024 година Генералштабот објави дека „Ф-16“ се урнал додека одбивал руски ракетен напад, при што загинал пилотот.
На 12 април 2025 година загина уште еден пилот во борбена мисија на „Ф-16“. Во мај 2025 година украинските воздухопловни сили изгубија уште еден „Ф-16“ додека одбивале руски воздушен напад откога пилотот пријавил техничка грешка со авионот. Тој успеал да го насочи авионот подалеку од населено место и безбедно да се катапултира.
јули 31, 2026
