Култура
Започна снимањето на долгометражниот игран филм „Мравки“
Со првата клапа на 27 јули официјално започна снимањето на долгометражниот игран филм „Мравки“, нов македонски филм во режија на Марјан Гавриловски. Снимањето ќе се одвива во наредните 24 снимачки денови на повеќе локации низ Скопје и Дебар.
Филмот е црна комедија со елементи на трилер, а сценариото го потпишува Никола Кузелов, додека продуцент е Ромир Јакупи. Директор на фотографија е Фејми Даут.
„Мравки“ ја раскажува приказната за необичен тандем – инспектор пред пензија и трансвестит, кои се принудени да соработуваат во истрагата за мистериозно убиство. Нивната неочекувана соработка ги соочува со сопствените предрасуди, но и со опасен свет исполнет со тајни, неизвесност и апсурдни ситуации.
Главните улоги ги толкуваат Сенко Велинов и Никола Кузелов, а во актерската екипа се и Сашко Коцев, Атанас Атанасовски, Владо Јовановски, Береда Решит, Тања Кочовска, Владимир Тулиев, Кристина Атанасова Арсова, Мими Таневска, Драган Спасов – Дац и други познати македонски актери.
Филмот е поддржан од Агенцијата за филм.
„Мравки“ претставува нова соработка на режисерот Марјан Гавриловски и сценаристот Никола Кузелов, чиј претходен филм „Te Dua, Жими Мене“ беше прогласен за најгледан домашен филм во историјата на македонската кинематографија.
јули 30, 2026
