Свет
Ким на одбележување на 73-годишнината од примирјето во Корејската војна повторно во друштво на ќерката
Севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун ја одбележа 73-годишнината од примирјето со кое се стави крај на борбите во Корејската војна, а неговата ќерка Ју Ае го придружуваше за првпат на официјалните комеморации, објави денеска државната агенција КЦНА.
Ким ги посети воените гробишта и спомен-обележја, се сретна со воени ветерани и положи цвеќе на гробовите на членовите на првата генерација герилски борци. Во таа пригода, тој повторно потврди дека Северна Кореја постигнала „голема победа“ во Корејската војна, која траела од 1950 до 1953 година. Војната завршила со примирје, а не со мировен договор, поради што двете Кореи технички сè уште се во војна.
Државните медиуми објавија фотографии и видеа од Ју Ае како оди покрај својот татко, стоејќи во центарот на церемонијалните формации и поздравувајќи ги воените ветерани со него, дополнително потврдувајќи ја нејзината сè поистакната јавна улога.
Јужнокорејското Министерство за обединување објави дека ова е нејзино прво учество на одбележувањето на годишнината од примирјето и нејзина прва посета на Гробиштата на мачениците од Татковинската ослободителна војна и на Гробиштата на револуционерните маченици.
Националната разузнавачка служба (НИС) на Јужна Кореја процени дека Ким сè повеќе ја претставува својата ќерка Џу Ае како можен наследник. Оваа проценка е поткрепена со фактот дека Џу Ае се појавува со својот татко сè почесто во јавноста во последните месеци, особено за време на обиколки на воени објекти и други државни настани.
За време на одбележувањето, Ким ги посети и гробиштата на кинеските доброволци кои загинаа во Корејската војна, каде што му оддаде почит на Мао Анјинг, син на поранешниот кинески лидер Мао Це Тунг, што се смета за дополнителен знак за зајакнување на односите меѓу Пјонгјанг и Пекинг.с
јули 27, 2026
