Connect with us

Свет

СЗО: За четири години, површините изгорени во шумски пожари во Европа се зголемени за 57 проценти

Површините изгорени во шумски пожари во европскиот регион се зголемени за 57 проценти во последните четири години, а Португалија и Шпанија годинава бележат повеќе од двојно поголеми површини зафатени од пожари во споредба со истиот период лани – предупреди денеска регионалниот директор на Светската здравствена организација (СЗО) за Европа, Ханс Анри Клуге.

Во соопштението на Регионалната канцеларија на СЗО за Европа, објавено во Копенхаген, се наведува дека новите податоци потврдуваат нагло зголемување на бројот и на обемот на шумските пожари во делови од европскиот регион во периодот од јануари до јули годинава.

Според СЗО, во 2025 година шумските пожари уништиле 2,2 милиони хектари во европскиот регион, во споредба со 1,4 милиони хектари во 2022 година, што претставува зголемување од 57 проценти за само четири години.

Организацијата предупредува дека шумските пожари одземаат човечки животи, уништуваат домови и средства за егзистенција, предизвикуваат масовни евакуации и создаваат огромен притисок врз службите за итна помош и врз здравствените системи.

СЗО посочува дека последиците врз здравјето не се ограничени само на подрачјата погодени од пожарите, бидејќи чадот може да се прошири на големи растојанија, влошувајќи ги срцевите и респираторните заболувања, како и менталното здравје, особено кај постарите лица, децата, бремените жени и лицата со хронични заболувања.

Шумските пожари, исто така, го попречуваат пристапот до здравствена заштита и до други јавни услуги.

Организацијата препорачува лицата кои живеат или патуваат низ погодените подрачја да ги следат официјалните препораки, да се оддалечат од активните пожари, да избегнуваат непотребни патувања и да носат заштитна маска доколку мора да престојуваат на отворено во услови на загаден воздух од чад.

Секој што ќе почувствува отежнато дишење или болка во градите треба веднаш да побара медицинска помош, нагласува СЗО.

Според организацијата, државните власти можат да го намалат ризикот преку навремени предупредувања за шумски пожари, за временски услови и за квалитетот на воздухот, преку обезбедување јасни здравствени препораки, како и достапна примарна и итна здравствена заштита.

За најранливите категории население, додава СЗО, неопходно е да се обезбеди пристап до простории со чист воздух и со разладување, како и телефонски линии за помош.

„Со оглед на тоа што климатските промени придонесуваат за сè потопол свет, мора да се подготвиме за почести и поинтензивни шумски пожари“, предупредува СЗО.

Организацијата наведува дека соработува со државите во проценката на ризиците, подготовката на планови за итни ситуации, изработката на насоки за заштита на населението од чад и екстремни горештини и зајакнувањето на отпорноста на здравствените служби и установи.