Connect with us

Култура

На „Охридско лето“ одбележани 60 години од основањето на Факултетот за музичка уметност во Скопје

Со импресивен „Алумни“ концерт на единаесет истакнати уметници, синоќа на фестивалот „Охридско лето“ беа одбележани 60 години од постоењето на Факултетот за музичка уметност – Скопје.

Пред публиката настапија поранешни студенти на таа високообразовна институција – сопранистките Весна Гиновска-Илкова и Ана Дурловски, басот Игор Дурловски, пијанистите Катерина Гелебешева-Костадиновска, Кристина Светиева, Јанинка Невчева и Глигор Гелебешев, флејтистката Катерина Бачевска, обоистката Надица Ристиќ-Симовиќ, гитаристот Дарко Багевски и хармоникашот Златко Мадевски.

Нивниот настап, како што беше истакнато, уште еднаш потврди дека од ФМУ-Скопје произлегуваат уметници кои оставиле силен печат врз македонската култура и се афирмирани и на меѓународната сцена.

Деканката на Факултетот за музичка уметност-Скопје, Дарија Андовска, истакна дека е особено значајно што „Охридско лето“ се вклучува во одбележувањето на јубилејот.

-Имаме можност на најголемиот фестивал во Македонија и во регионот да го прославиме нашиот роденден, благодарение на директорот Ѓорѓи Цуцковски, кој е исто така наш алумни, и на целиот тим на „Охридско лето“. Тоа е од особено значење бидејќи и тие придонесуваат кон прославата на нашата институција која е основата на музичкиот пантеон во Македонија- рече Андовска.

Таа посочи дека од ФМУ-Скопје произлегле голем број значајни музички институции и ансамбли во земјата, меѓу кои Филхармонијата, Националната опера и балет и Џез оркестарот, како и бројни генерации уметници и педагози.

Андовска најави дека целата 2026 година ќе биде исполнета со настани посветени на јубилејот. Меѓу планираните активности се документарен филм за ФМУ, монографија, како и авторски мјузикл кој ќе ги обедини различните ансамбли и уметнички капацитети на факултетот.

-Имаме балет, џез ансамбл, класичен оркестар, се што е потребно, така што тоа ќе биде круна на сите настани по повод јубилејот- додаде деканката.

Во изминатите шест децении на ФМУ-Скопје студирале повеќе од пет илјади студенти. Пијанистката и професорка на факултетот Катерина Гелебешева-Костадиновска истакна дека настапот на јубилејниот концерт претставува голема чест за сите учесници.

-Нашата матична установа е можеби најважната образовна институција во градењето на културниот живот во нашата држава. Многу студенти, денес познати уметници, излегоа од нашиот факултет- рече Гелебешева-Костадиновска, изразувајќи надеж дека соработката со „Охридско лето“ ќе продолжи и во иднина.

Факултетот за музичка уметност-Скопје е основан во 1966 година, а од 1973 година е дел од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Ad
Ad