Култура
Македонскиот КИЦ во Софија ја одбележа 100-годишнината од упокојувањето на Крсте Мисирков
Македонскиот културно-информативен центар во Софија со свечена програма ја одбележа 100-годишнината од упокојувањето на Крсте Петков Мисирков, еден од најзначајните македонски интелектуалци, филолози, публицисти и втемелувачи на македонската национална мисла и јазична самобитност.
Како што соопштуваат од КИЦ Софија, на настанот, на кој присуствувале припадници на македонската заедница во Бугарија, како и претставници на научната и културната јавност, било истакнато значењето на делото на Мисирков за афирмацијата на македонскиот литературен јазик, култура и национален идентитет.
Од КИЦ информираат дека салата била исполнета до последно место, што, како што наведуваат, е потврда за интересот кон програмите посветени на македонската историја, култура и јазик.
– Во рамките на програмата беше одржано предавањето: „Поетиката на националната идеја: книжевна интерпретација на „За македонцките работи“ од Крсте Мисирков“, на кое проф. д-р Анита Ангелевска и Гордана Гравчева-Ивановска, професор по македонски јазик и книжевност, македонист и лектор, понудија темелна книжевно-научна анализа на капиталното дело на Мисирков. Нивните излагања ја истакнаа книжевната, културолошката и националната вредност на делото „За македонцките работи“, кое и денес претставува една од најзначајните книги во историјата на македонската култура и општествена мисла – стои во соопштението.
Пред присутните бил прикажан и краток документарен филм посветен на животот и делото на Крсте Петков Мисирков, изработен врз основа на архивски материјали, документи и историски извори. Филмот го прикажал неговиот научен и интелектуален ангажман, како и неговата улога во развојот на македонската национална мисла.
Во продолжение на програмата биле презентирани историски, филолошки и лингвистички истражувања и факти поврзани со развојот и континуитетот на македонскиот јазик низ вековите. Притоа било истакнато неговото значење како дел од европското културно наследство и словенската книжевна традиција.
Организаторите оценуваат дека настанот придонел за продлабочување на знаењата за ликот и делото на Мисирков, како и за поттикнување културен дијалог и размена на научни сознанија меѓу присутните.
Од Македонскиот културно-информативен центар во Софија посочуваат дека со организирањето на вакви настани продолжуваат да ја афирмираат македонската култура, јазик, литература и историско наследство пред меѓународната јавност.
Според нив, одбележувањето на 100-годишнината од упокојувањето на Крсте Мисирков уште еднаш потврдило дека неговото дело останува актуелно и по еден век, претставувајќи инспирација за нови научни истражувања, културни иницијативи и јавни дебати.
јули 22, 2026


