Connect with us

Општини

Јавен апел до албанската влада од Голо Брдо: Пат за живот, а не за заборав

Во отворено писмо Садет Даути, жител од областа Голо Брдо, во име на своите сограѓани,  се обраќа до највисоките државни албански институции со апел за итна интервенција во инфраструктурата во областа Голо Брдо. Тој бара асфалтирање на патната делница  Вичиште – Студено – Требиште – Острени и отворање на граничниот премин во Миреши (кај Дебар кој функционирал до педесеттите години од минатиот век) – две барања кои, според него, не се луксуз, туку неопходност за живот и развој.

– Албанија која се гордее со развојни, интеграциски и инфраструктурни проекти, сè уште има цели области кои живеат во изолација. Не поради недостиг на волја од страна на луѓето, туку поради недостиг на внимание од страна на државата, пишува тој.  Посочува дека една од тие области е Голо Брдо, еден од „најубавите региони, најбогат со култура, традиција и историја – но и најнапуштен“.

Оценува дека изградбата на новата оска Либражд-Пешкопеја преку Себиште кон Пешкопеја е за поздравување – дело кое поврза два региона, Пешкопеја и Елбасан – но овој сегмент не е достапен за повеќето погранични села на Голо Брдо.

– Официјално подигнат глас, тивко игнориран. Дојде време развојот повеќе да не биде ветување, туку реалност. Дојде време албанската влада да го сврти вниманието од зборови на дела – од патиштата на пропагандата, кон вистинските патишта што ги бараат луѓето, стои понатаму.

Нагласува дека како граѓанин на оваа област, официјално се обратил до сите државни инстанци, но одговорите што ги добил, како што наведува „се разочарувачки, директни, без суштина, без решенија и пред сè – без чувствителност кон болната реалност што повеќе не може да се крие зад извештаи или статистика“.

– Секако, во моите легитимни барања, во никој случај не побарав ништо за себе, освен за развој и заслужена интеграција на областа каде што сум роден, каде што нашите предци живееле. Ова е искрен апел, отворено писмо и повик за национална свест, упатен не само до институциите, туку и до целото албанско општество, стои во апелот.

Се нагласува дека „Ова институционално молчење е поболно од отсуството на патот. Бидејќи патот, можеби, може да се изгради еден ден – но кога гласот на граѓанинот се игнорира, врската со довербата е прекината“. 

Областа Голо Брдо се протега долж албанско – македонската граница кај Дебар. Има 22 села, од нив 18 населени со Македонци, останатите населението е со мешан состав Македонци и Албанци.