Култура
Во близина на локалитетот „Баргала“ откриена доцноантичка некропола
На 500 метри од локалитетот „Баргала“, од левата страна на Козјачка река откриена е и доцноантичка некропола, додека средовековната се наоѓа веднаш до црквата Свети Ѓорѓи, односно до ѕидовите на локалитетот „Баргала“. Археологот Митко Штерјов од Заводот за заштита на споменици и Музеј на град Штип вели дека доцноантичката некропола се простира на површина од пет хектари, а откриени се и гробници во кои се најдени коски од осум починати лица.
Инаку уште во 2012 година на оваа локација имало нелегални истражувања, каде што бил откриен еден гроб.
- Од досега истраженото, значи можеме да констатираме дека се се работи за доцноантичка некропола, бидејќи се откриени оние типови коишто се белег на доцната антика. Тоа се меморијални гробници, имаме семејна гробница каде што во едно во еден рамка се погребани пет-шест индивидуи. Откриена е едно мало гробче на на мала индивидуа. И со сите овие досегашни првични резултати и она оние наоди коишто ги имаме и по површината, навистина може да констатираме дека ова е локација каде што се наоѓа некрополата од доцноантичкиот град Баргала.Инаку, сите знаеме дека градот Баргала потекнува уште од IV век како цивилна населба, па потоа во V и VI век веќе прераснува во огромен црковен град. Имаме и историски податоци за тоа каде што епископот од Баргала учествувал на Халкидонскиот собор, каде што има пишан документ, учествувал на тој собор и во Синдекемот на Хиерокле исто така се спомнува Баргала и Стоби. Значи тоа се два града коишто учествувале на тие собори – вели Штерјов.
Тој додава дека кога ќе се собират сите резултати, пишани податоци, историски податоци и археолошките наоди, можеме да се каже дека навистина градот Баргала во V и VI век бил силен црковен центар и како што вели „нормално дека ќе има огромна некропола“. Штерјов посочува освен коските во гробниците досега немаат откриено монети, освен фрагментирана керамика.
Меѓутоа, самата керамика укажува на тој период, а меѓутоа типовите на на гробови се соодветствуваат на доцната антика – подвлече Штерјов.
Прашан дали ќе се прават анализи на пронајдените коски, Штерјов со одговор дека нашата држава се уште нема таква лабараторија.
– Меѓутоа еве се надевам дека со тек на време ќе може да се издвојуваат и такви средства, што обично сите археолози да не речам на Западот, него веќе и во нашата околина – и во Бугарија, и во Грција, и во Србија, и во Албанија, значи наоѓаат средства за такви работи и убаво е тоа кога ќе го потврдиме и на тој начин. Значи кога ќе можат, бидејќи ние веќе имаме една таква таков пример, имавме од оној славниот Славе од Крупиште кога ги правевме истражувањата, беа направени анализи и го потврдивме неговата старост. Така да, убаво ќе биде да може да се направат такви анализи и така ќе можеме да ги потврдиме сите резултати – изјави Штерјов.
Штерјов се надева на оваа локација позната како Џамалџиски гробишта ќе најдат и постари гробови.
– Интересна е локацијата, односно називот, топонимот Џамалџиски гробишта. Знаеме кои биле џамалџиите. Топонимот е пишан во картата, значи не сме го ние измислиле или мештаните. Значи тој топоним постоел многу оддамна и е интересно, бидејќи знаеме дека како функционираат џамалџиските, или кај нас како имаше и друг назив — сурвари, и во средниот век, и во постаро време, и во поново време. Значи тие се оние, типот на карневалските игри, што значи дека на овој простор бил како некоја средба каде што населбите од околните населби се сретнувале тука, па знаеме дури доаѓало и до поголеми тепачки и жртви. Така да, интересен е топонимот како Џамалџиски гробишта. Можеби и тоа ги упати и оние нелегални копачи да дојдат тука пред нас – вели Штерјов.
Посочува дека новите истражувања на оваа локација ќе даде поголеми резултати за луѓето и за начинот на кој што живееле и всушност кои биле луѓето коишто живееле на овие простори.
јули 8, 2026

