Connect with us

Свет

Гутереш за ФТ: Суперсилите треба да ги сфатат границите на својата моќ, понижувачки војни за САД и Русија

Американскиот застој со Иран и руската инвазија врз Украина ги открија острите граници на моќта на суперсилите, изјави генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш отфрлајќи ја идејата ОН да бидат во сенка во мултиполарниот свет.

Во интервју за „Фајненшл тајмс“ додека се приближува кон крајот на деценијата помината на чело на ОН, Гутереш опиша свет кој се преобликува со падот на доминацијата на САД, подемот на нови сили и понижувачките лекции од војните во кои суперсилите од Студената војна не успеаја да обезбедат одлучувачки победи.

Со својата организација оптоварена со финансиска криза, низок морал и поделби меѓу големите сили, генералниот секретар предупреди дека помултиполарниот поредок ризикува да лизне во конфронтација доколку глобалните институции не се приспособат на тоа.

„Време е суперсилите да ги сфатат границите на својата моќ. Ако погледнете што се случи во последно време, капацитетот на суперсилите да ја наметнат својата волја, својата сила или својата моќ во неколку ситуации беше сериозно ограничен. Погледнете што се случи со Русија и Украина. Погледнете што се случи со САД и Иран“, рече Гутереш за „Фајненшал тајмс“ во интервју направено во неговите канцеларии на 38-тиот кат во седиштето на ОН во Њујорк.

Америка се надеваше дека Техеран ќе капитулира кога беше нападнат во февруари, но шест месеци подоцна иранскиот режим се држи и ја затвори Ормуската Теснина, најважниот енергетски пловен пат во светот.

„Суперсилите мора да сфатат дека работите се променија, дека се промени влијанието на различни земји“, рече Гутереш, претставувајќи ги неуспесите како дел од преминот од поредокот предводен од САД во постстуденовоената ера, кон мултиполарен свет.

Поранешниот португалски премиер кој има 77 години, ја отфрли идејата дека Одборот за мир – група меѓународни лидери која Трамп ја основа минатата година со првичен фокус на обезбедување договор меѓу Израел и Хамас – би можел да му парира на Советот за безбедност на ОН, укажувајќи на неговиот неуспех да постигне напредок во Газа.

За време на една деценија од престојот на Гутереш на чело на ОН, профилот на светската организација како посредник во глобалните кризи опадна.

Некои поранешни и сегашни функционери тврдат дека тој и ОН направиле грешка во неговиот втор мандат со тоа што биле помалку видливи во светските воени зони, бидејќи се чини дека неговиот фокус се поместил од посредување во судири кон пошироки општествени предизвици, како што е борбата против климатските промени.

Гутереш признава дека било тешко да се посредува во војните во Украина, Газа и Иран.

Телото за донесување одлуки на ОН, Советот за безбедност, беше „практично парализирано“, рече Гутереш, бидејќи Америка и Русија, две од неговите пет сили со право на вето, го блокираа додека тежнееја кон исполнување на сопствените цели.

ОН исто така, призна Гутереш, беа турнати на маргините во граѓанската војна во Судан, бидејќи некои го искористија застојот во Советот за безбедност за да интервенираат во борбите.

„Сега преовладува чувство на неказнивост. Нашето влијание е драматично намалено со фактот што не постои Совет за безбедност кој може да им каже на земјите дека мора да се однесуваат како што треба или ќе бидат казнети“, рече Гутереш.

Сепак, тој негира дека се откажал од посредувањето, истакнувајќи го неодамнешното патување на Кипар, кој е поделен веќе 60 години.

„Посредувањето денес е исклучително тешко, а резултатите се ограничени“, призна Гутереш.