Општини
Охридска летна школа по природно право, во фокусот инструментот за бесплатна правна помош
Бесплатната правна помош е важен инструмент за зајакнување на пристапот кон правдата, таа треба да обезбеди еднаков пристап на граѓаните до правдата без разлика на нивната економска и социјална положба. Тоа беше истакнато на годишната „Охридската летна школа на природно право“ што од денеска се одржува во Охрид, посветена на унапредување на знаењето и професионалните капацитети во областа.
Настанот се одржува во организација на Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при Македонската академија на науките и уметностите, во партнерство со Програмата за развој на Обединетите нации и со поддршка на Австриската агенција за развој, со учество на околу 25 магистранти и докторанти од земјата и странство, како и студенти по право од земјава и соседна Албанија.
Заменик-министерот за правда, Ален Деребан, истакна дека досега преку системот на бесплатна правна помош се опфатени над пет илјади граѓани преку примарна правна помош и стотици преку секундарна правна помош, односно бесплатно застапување пред судовите.
– Тоа значи дека секој граѓанин кој финансиски не може да си дозволи пристап до судска постапка има обезбедено право на правна заштита, рече тој.
Академик Владо Камбовски од своја страна посочи дека бесплатната правна помош е клучен инструмент за унапредување на пристапот до правдата.
– Правото на правда не смее да прави разлики во економската и социјалната положба на субјектите. Потребно е зајакнување на системот на бесплатна правна помош преку вклучување и на граѓанскиот сектор и правните клиники, рече тој.
Што се однесува на делот на финансирањето на системот, беше наведено дека издвојувањата се „исклучително скромни“ и дека постои потреба од негово зајакнување и подобра организација, што е и интенција на годинешата 10. Охридска летна школа по природно право.
По однос реформите во судството, заменик-министерот Деребан истакна дека во рамки на реформската агенда се донесени повеќе закони, меѓу кои и Законот за Судскиот совет, со цел, како што беше речено, „гарантирање на независноста на судската власт“.
Особено го нагласи донесувањето на Законот за парничната постапка, кој, според изјавата, „ги гарантира правата на граѓаните и придонесува за поефикасни постапки“.
– Законите ќе придонесат за зголемување на довербата кај граѓаните, но клучна е нивната доследна имплементација од страна на судовите, институциите и сите учесници во постапките, рече Деребан.
Камбовски по прашањето рече дека кога станува збор за делот за правосудните реформи „довербата во институциите е ослабена, особено во судството и јавното обвинителство“, и дека се неопходни мерки за зајакнување на интегритетот и борбата против корупцијата.
Што се однесува на актуелизираното прашање со малолетничката деликвенција двајцата говорници посочија дека „не може од репресија да се очекува многу“, туку дека клучна улога треба да има превенцијата преку семејството и образованието.
– По тој дел не можеме генерално да зборуваме. Судовите ги индивидуализираат одлуките, што е и нормално, секој случај е засебен. Судовите постапуваат согласно Законот за правда за децата, во кој е предвидена широка лепеза на воспитни мерки – од засилен надзор од родители како поблага мерка, до најстроги санкции како упатување во воспитно-поправен дом, Сепак, мислам дека поголемо внимание треба да се посвети на превентивните мерки“, рече Деребан.
Во таа насока беше посочено дека клучна улога имаат родителите, училиштата, стручните служби, центрите за социјална работа и поширокото општество, со цел да се спречи повторување на такви појави.
И академик Камбовски истакна дека во проблематиката на малолетничката деликвенција со репресивни мерки не може да се очекува многу, туку решенијата треба да се бараат преку, како што рече, „превентивен фронт кој е исклучително широк и ги опфаќа семејството, образованието и зајакнување на воспитната компонента во општеството.
– Поголема грижа треба да се посвети на семејството и образованието, како и на зајакнување на воспитната компонента… Престојот на детето во воспитно-поправен дом значи негово одвојување од природната средина, а таа природна средина е семејството. Упатувањето во воспитно-поправен дом значи одвојување на детето од неговата природна средина, така што тоа е мерка што треба да се применува исклучиво како последна опција, рече академик Камбовски.
јули 7, 2026


