Општини
Струмица одбележа 81 години од ослободувањето

Пред Спомен костурницата над градот со пригодна свеченост денеска беа одбележани 81 години од ослободувањето на Струмица.
За значењето на празникот зборуваше заменик градоначалничката, Елена Магеровска Паликарова
-11 септември е и ден на единство. Ослободувањето на Струмица не би било возможно без заедништвото и слогата на нашите предци. Тоа заедништво треба да го чуваме и денес без разлика на разликите меѓу нас, затоа што сите ние сме дел од истиот град и од истата историја. Само обединети можеме да се соочиме со предизвиците на иднината и да изградиме подобра заедница. Затоа, денес не само што им оддаваме почит на паднатите херои, туку и ја преземаме обврската за нивната жртва да не биде залудна, а тоа значи Струмица мора да продолжи да се развива и унапредува, да го негува своето историско наследство, но и да чекори напред кон европската иднина, рече Магеровска Паликарова.
Претставници на Советот на Општината, политички партии, институции и здруженија на граѓани положија цвеќе пред местото каде се положени посмртните останки на паднатите борци во Спомен костурницата, а рецитатори од Домот за млади и деца „Благој Мучето“ од Струмица изведоа пригоден рецитал.
Чествувањата по повод Денот на ослободувањето на Струмица продолжуваат вечер со отворање на традиционалната изложба од делата создадени на годинашнава Меѓународна струмичка ликовна колонија во НУЦК „Антон Панов“.
септември 12, 2025