Општини
Ристески: Ќе направиме се што можеме за да помогнеме на фабриката „Макпрогрес“ од Виница во овој тежок период

Заменик-министерот за економија и труд, Марјан Ристески денеска ја посети фабриката за кондиторски производи „Макпрогрес“ од Виница, каде во саботата изби голем пожар, при што во целост изгоре еден производен погон со три модерни софистицирани автоматизирани линии, заедно со два магацини, од кои еден за суровини и еден за готови производи.
Пожарот нанесе голема штета и уништи дел од имотот, опремата и капиталот на фабриката која е една од најголемите производни капацитети во Македонија.
На средбата со извршниот директор на „Макпрогрес“, Глигор Цветанов, заменик-министерот Ристески кажа дека државата ќе направи се што е во нејзина можност за да го помогне опстанокот и обновувањето на компанијата. Цветанов на средбата потенцираше дека компанијата претрпела сериозни штети од пожарите, но дека ниту еден од вработените од нивните капацитети нема да остане без работното место и плата.

Ристески даде поддршка на иницијативата на Стопанската комора за кампања за зголемена продажба на производите на „Макпрогрес“. Истовремено, тој ги повика граѓаните да се приклучат на оваа и сите останати иницијативи за поддршка на компанијата преку купување на нивните производи.
-Мораме да го поддржиме домашното производство и ваквите акции и апелите од коморите и јавноста на социјалните мрежи, уште еднаш ја покажаа солидарноста на нашите граѓани кои знаат да се обединат и да помогнат кога е најтешко. Ги повикувам сите граѓани заедно да помогнеме во опстанокот на оваа компанија, да купуваме производи од брендовите на „Макпрогрес“ со што ќе и помогнеме на компанијата и нејзините вработени, кажа заменик-министерот Ристески.

„Макпрогрес“ од Виница е основана пред 35 години. Во неа се вработени повеќе од 500 лица. Таа е една од најголемите во кондиторско-пекарската индустрија, со тоа што 75 проценти од своето производството го извезува во 45 држави во светот. Дел од брендовите на „Макпрогрес“ се производите „Винчини“, „Сончева Долина“, „Натура“, „Дониа“…
септември 11, 2025