Општини
Во Штип градежни активности во неколку населби

Почна асфалтирањето на улицата „Кајгана“ во штипската населба Сењак. Во тек е и уредување на влезовите на неколку станбени згради на улицата „Пиринска“, информираше на денешната прес-конференција градоначалникот на Општина Штип Иван Јорданов. Тој додаде дека градежни активности има и на улицата „Сајбие Димир“ во населбата Сењак 4.
-Се подготвува и за асфалтирање на улиците во селото Драгоево, деновиве што претстојат ќе се влезе со асфалтирање и во селото Шашаварлија. Имаме активности со санација на постоечката инфраструктура, којашто била амортизирана и која била влезена во Програмата за уредување на градежно земјиште. Неколку милиони денари се одвоени за сите овие активности кои ги набројав, вели Јорданов.
Тој истакна дека деновиве ќе се реконструира и улицата „9 Мај“, а интензивно се работи и на обиколницата која ќе ги поврзува населбите Железничка и Пребег со индустриската зона и викенд зоната Плуждино.
-Интензивно се работи на трасирање на самата сообраќајница, на поставување на павер елементи и на сообраќајна сигнализација на сето она што го предвидува самиот проект. Паралелно со ова деновиве очекувам да се започне и со завршување на последната фаза од булеварот „Партизанска“, изјави Јорданов.
Тој додаде дека се приближува датумот коога ќе почне кампањата за локалните избори, но верува дека голем дел од улиците кои се предвидени во Програмата за градежно земјиште ќе бидат реконструирани.
септември 11, 2025