Економија
Николоски од Солун: Посветеност за развој на инфраструктурата во регионот
Јасна е посветеноста да се развива инфраструктурата во регионот и јасно се поставија принципите и правилата дека заеднички ќе вложуваме во изградбата на железничкиот Коридор 10 – порача заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски при учеството на самитот за инвестиции во транспортот „Обезбедување раст и конкурентност преку поврзување“, што се одржува денеска во Солун.
За таквата посветеност, како што рече, говори организацијата на самитот од страна на Европската Унија, која, потенцира, е претставена на највисоко ниво преку комесарот за транспорт и мобилност, Апостолос Цицикостас, а на највисоко ниво се претставени и владите на Македоинија, Грција, Србија, Косово, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска и Словенија.
Железничкиот Коридор 10, оцени Николоски, е иднината за развојот на трговијата, за развојот на пристаништата во регионот. – Затоа, драго ми е што, покрај нашата држава, и Грција, и Србија, и Хрватска дадоа јасна заложба дека ќе инвестираат во Коридорот 10, што уште повеќе ја истакнува важноста на нашата инвестиција во изградба на брза пруга што ќе оперира на Коридорот 10 – тоа е економски најжив и најзначаен коридор и нешто што дополнително ќе ѝ носи бенефит и економска оправданост на Македонија – изјави Николоски, кој беше говорник на панелот „Остварување на проширувањето на ТЕН-Т: Приоритети на инфраструктурата и инвестициски предизвици во Западен Балкан“.
Николоски потенцира дека на Коридорот 10 веќе имаме автопат од северната до јужната граница и оти се работи на негова модернизација.
– Заедно со Светската банка работиме на воведување интелигентни транспортни системи, проект што очекувам да почне бргу да се имплементира, како и на подобрување и забрзување на системите што се поврзани со царина. Кога сето ова ќе се стави во контекст, навистина денешниот ден е огромна порака дека регионот има иднина и оти регионот ја задржува и ја надградува својата позиција, а Македонија особено како крстосница на два паневропски коридори – Коридорот 8 и Коридорот 10, го добива своето геостратешко значење – рече Николоски.
Во фокусот на самитот се имплементацијата на проширувањето на ТЕН-Т, коридорот Западен Балкан – Источен Медитеран, Планот за раст за Западен Балкан. Во присуство на меѓународните финансиски институции се разгледува како да се подобри координацијата на донаторите, да се зајакне подготовката на проекти, да се зголеми учеството на приватниот сектор и да се претворат приоритетите за поврзување во конкретни инвестиции.
јуни 18, 2026


