Економија
Инстант-плаќањата во фокусот, дводневна работилница на Народната банка со платежната заедница
Народната банка во соработка со Светската банка одржаа работилница за банките и другите даватели на платежни услуги и релевантните државни институции во земјата, посветена на воведувањето на инстант-плаќањата засновани на платформата на клонот на ТИПС. Работилницата е дел од постојаните активности на Народната банка за подготовка на целата платежна заедница во земјата за воспоставување на националниот систем за инстант-плаќања и за обезбедување навремена координација на сите учесници во веќе почнатиот процес на приклучување кон регионалната платформа што ја развива Банката на Италија за земјите од Западен Балкан – се наведува во денешното соопштение на Народна банка на Република Северна Македонија.
– Во услови на забрзана дигитализација на финансиските услуги и сѐ поголеми очекувања за брзи, едноставни и лесно достапни плаќања, модернизацијата на платежната инфраструктура во земјата претставува основен предуслов за развивање поефикасен, поконкурентен и поиновативен платежен пазар – истакнала директорката на Дирекцијата за платни системи при Народната банка, Биљана Доновска-Гечева.
Воспоставувањето национален систем за инстант-плаќања е еден од стратегиските проекти на Народната банка и, како што се истакнува, претставува важен чекор кон понатамошна модернизација на платниот систем во земјата.
– Проектот е дел од пошироките регионални иницијативи за унапредување на платежната инфраструктура и за нејзино постепено усогласување со европските стандарди и практики. Со неговото остварување ќе се создадат услови за развивање нови дигитални платежни услуги и за понатамошно унапредување на условите за користење за граѓаните, компаниите и за институциите – се потенцира во соопштението.
Во рамките на работилницата биле претставени концептот и функционалностите на платформата на клонот на ТИПС, правилата за учество и приклучување, искуствата од други земји, како и очекуваните активности на давателите на платежни услуги во процесот на спроведување. Особено внимание било посветено на техничката и на оперативната подготвеност на учесниците во рамките на процесот приклучување кон платформата на клонот на ТИПС.
Со воведувањето на инстант-плаќањата се очекува да се овозможат побрзи, подостапни и поефикасни плаќања за граѓаните и за компаниите, 24 часа дневно, седум дена во неделата, што ќе придонесе за понатамошна дигитализација на финансиските услуги и за зајакнување на конкурентноста на домашниот платежен пазар.
– Работилницата претставуваше можност за размена на искуства и мислења, разгледување на предизвиците и можностите што ги носи овој процес, како и за координација на активностите на сите засегнати страни во пресрет на очекуваното пуштање во употреба на системот – се додава во соопштението.
јуни 16, 2026


