Технологија
Објавен трејлер за „Крејзи такси ворлд тур“, играта пристигнува во 2027 година
Играта „Крејзи такси ворлд тур“ („Crazy Taxi World Tour“) официјално пристигнува во 2027 година, а во рамки на настанот „Xbox Games Showcase“ беше објавен и првиот трејлер кој открива дел од содржините од популарниот серијал. Иако СЕГА неодамна се откажа од својот амбициозен проект „Супер игри“ („Super Game“), компанијата не се откажува од оживувањето на своите најпознати франшизи. Меѓу нив е и култниот серијал „Крејзи такси“,кој со години има посебно место меѓу љубителите на тркачките игри.
Новото продолжение беше најавено уште пред неколку години како проект што ќе комбинира елементи на отворен свет со карактеристики секојдневни за масовните онлајн мултиплеер игри. Сега, по подолг период без конкретни информации, компанијата конечно откри повеќе детали за првиот нов наслов од серијалот по 2017 година.Новата игра ќе го носи името „Крејзи такси ворлд тур“ и ќе биде достапна во текот на 2027 година на платформите Иксбокс, Иксбокс Серија Икс и Иксбокс Серија Ес на персонални компјутери, Стим, Плејстејшн 5 и Нинтендо Свич 2.
Најавниот трејлер понуди прв поглед на динамичната и хаотична атмосфера по која франшизата е препознатлива. Во видеото можат да се видат ајкули што излегуваат од океан, необични патници кои носат кутии со пица и низа ексцентрични ситуации што потсетуваат на духот на оригиналните игри.Според прикажаните сцени, дел од дејството повторно ќе се одвива во урбана средина инспирирана од Сан Франциско, градот кој беше една од главните инспирации за оригиналната игра. Сепак, самиот наслов „Ворлд тур“ навестува дека играчите нема да бидат ограничени само на една локација, туку ќе имаат можност да посетат различни градови и дестинации ширум светот.
Враќањето на серијалот предизвика голем интерес кај долгогодишните обожаватели кои со нетрпение очекуваат да видат како класичната формула ќе биде адаптирана на современите гејмерски платформи.За многумина, името „Крејзи такси„ веднаш асоцира на песната „„Сè што сакам“ (All I Want) на американскиот панк-рок состав Д Офспринг (The Offsprin). Токму оваа песна беше еден од најпрепознатливите елементи на оригиналната игра и остави силен впечаток кај генерации играчи.
Како дополнителен омаж на корените на франшизата, песната повторно може да се слушне и во најавниот трејлер за новото продолжение, внесувајќи доза носталгија и потсетувајќи на периодот кога „Крејзи такси“ беше една од најпопуларните игри во светот.Со објавувањето на првиот трејлер, фирмата официјално го започна одбројувањето до враќањето на една од своите најпрепознатливи франшизи, а љубителите на серијалот ќе треба да чекаат до 2027 година за повторно да седнат зад воланот на легендарните такси-возила.
јуни 10, 2026

