Connect with us

Свет

ОН: Светот доцни со плановите за обнова на екосистемите

Обновата на 252 милиони хектари деградирани екосистеми почна во 149 земји, објави денеска агенцијата на Обединетите нации за животна средина (УНЕП), истакнувајќи дека тоа и понатаму е премногу далеку од глобалната цел од една милијарда хектари до 2030 година.

Глобалната рамка за биодиверзитет од Кунминг и Монтреал, потпишана на крајот на 2022 година, ги обврзува земјите да обноват околу милијарда хектари деградирано земјиште до 2030 година и да обезбедат најмалку 30 отсто од светските екосистеми да бидат под заштита.

Од 252 милиони хектари кои моментално се обновуваат, 192,2 милиони се наоѓаат во Азија, при што предничи Кина со 127,4 милиони хектари. Ова се податоци од Извештајот на ОН за напредокот во обновата, објавен за време на новата рунда преговори за биодиверзитетот во Ереван, Ерменија.

Обновата на копнените екосистеми достигна речиси половина од предвидените области според целта за 2030 година, но напредокот во обновата на слатководните и морските екосистеми и понатаму е многу ограничен, а токму тие деградираат со побрзо темпо.

Во извештајот се наведува дека годишните финансиски средства за обнова би требало да се зголемат од 64 милијарди на 296 милијарди долари до 2030 година. Тој износ вклучува 87 милијарди долари за земјоделско шумарство, 52 милијарди за обнова на шумите и 44 милијарди за обнова на тресетиштата, односно мочуришните живеалишта на кои се таложи мов.

Извештајот истакнува и силен економски аргумент за зголемување на инвестициите, имајќи предвид дека повеќе од половина од светскиот БДП се создава преку економски активности кои во голема мера зависат од природата.

Обновата на 15 отсто од приоритетните светски екосистеми би можела да овозможи фаќање и складирање на 30 отсто од индустриските емисии на јаглерод диоксид и да го спречи изумирањето на 60 отсто од загрозените видови, се наведува во извештајот.

Ad
Ad