Свет
ЕУ повика на засилен притисок врз Русија по смртоносните напади врз Украина, Макрон ја обвини Москва за ескалација
Европската Унија денеска ги повика меѓународните партнери да ги засилат поддршката за Украина и притисокот врз Русија по новите руски напади врз цивили во кои загинаа десетици луѓе, меѓу кои најмалку 14 лица на перон од железничката станица во Днепар. Францускиот претседател Емануел Макрон ја обвини Москва дека продолжува да се определува за ескалација наместо за мир.
Во најновата брутална агресија врз украинските цивили, освен во Днепар, жртви има и во нападите врз Чернигов, Кременчук и во Запорошката област.
„Смртоносниот руски напад врз железничката станица во Днепар е уште една брутална агресија врз украинските цивили. Тоа јасно покажува дека Москва не е заинтересирана за мир“, напиша на социјалната мрежа Икс високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас.
Таа нагласи дека Русија мора да одговара за своите постапки и најави дека ќе го покрене ова прашање на самитот ЕУ – Канада во Монтреал и на состанокот на министрите за надворешни работи на Групата 20 (Г20) во Атланта.
Калас посочи дека ќе ги повика партнерите на ЕУ да ја зголемат поддршката за Украина и да го забрзаат воспоставувањето механизми за утврдување на одговорноста на Русија, меѓу кои се идниот специјален трибунал за злосторството агресија против Украина и меѓународниот механизам за репарации.
„Уште една серија брутални и разорни руски напади врз цивили во Украина“, напиша претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, истикнувајќи дека ЕУ ќе продолжи да го засилува притисокот врз Русија и да ја поддржува Украина сè до постигнувањето праведен и траен мир.
„Ги повикуваме сите наши меѓународни партнери да го сторат истото“, додаде Кошта.
Францускиот претседател Емануел Макрон, исто така, изрази огорченост поради нападот во Днепар и изјави дека Русија продолжува да „се определува за ескалација“ со напаѓањето цивили.
„Во овој контекст, мора да се стремиме кон многу повеќе од локален прекин на огнот, каков што неодамна беше договорен во Олешки“, напиша тој на Икс, оценувајќи го како недозволиво тоа што Москва ги отфрла сите такви предлози.
„Мора заеднички да ги удвоиме напорите за постигнување праведен и траен мир и да ја натераме Русија да седне на преговарачка маса“, повика францускиот претседател.
октомври 30, 2026


