Свет
Русија спроведува оперативна проверка на стратешките ракетни капацитети
Министерството за одбрана на Русија денеска соопшти дека во рамки на редовниот план за борбена обука за 2026 година, започнала комплексна проверка на Владимирското ракетно здружение, една од формациите на Ракетните сили на стратешката намена (РВСН), што се клучна компонента на руските копнени стратешки нуклеарни сили.
Проверката опфаќа командно-штабна вежба со ракетни единици со стационарно базирање, додека истовремено мобилните ракетни системи се упатени на маршрути за борбено патролирање, со цел во теренски услови да се провери нивната оперативна подготвеност.
„Покрај ракетниот состав со стационарно базирање, на маршрути за борбено патролирање плански се изведени и автономни лансирни единици на ракетните формации со мобилно базирање на Ракетните сили на стратешката намена“, се наведува во соопштението на руското Министерство за одбрана.
Од Министерството наведуваат дека основната цел на вежбата е подобрување на координацијата меѓу органите на военото командување.
По завршувањето на активностите, специјална комисија ќе ја оцени обученоста на екипажите и способноста на командните структури да раководат со единиците во различни услови.
Мобилниот ракетен систем „Јарс“ е еден од најважните елементи на руските стратешки нуклеарни сили. Станува збор за интерконтинентален балистички ракетен систем што постои во мобилна и силосна варијанта, а според официјалните руски податоци има дострел до 11 илјади километри и може да носи повеќе нуклеарни боеви глави.
октомври 9, 2026

