Connect with us

Вести

Данска ја обвини Русија за саботажа на нејзините одбранбени компании

Русија почна со операции на саботажа против данските компании кои ја снабдуваат Украина, заклучувајќи дека пошироките обиди за попречување не успеале да ѝ стават крај на воената поддршка на Западот за таа земја, изјави денеска официјален претставник на данската разузнавачка служба.

Таа промена е одраз на значителна ескалација на руската кампања за хибридно војување, рече Јосефине Кристенсен, главна аналитичарка на данската разузнавачка служба (ПЕТ), на конференција за домашна безбедност во Копенхаген.

– Во пролетта бевме сведоци на опсежно планирање акции, чиј спроведен број беше многу мал. А во почетокот на летото забележавме дека почнаа да спроведуваат значително повеќе од тоа – рече Кристенсен.

Русија заклучи дека нејзините претходни обиди за пошироко делување „не го одвратија НАТО од давањето поддршка за Украина“, додаде таа.

Политичката контрола врз операциите ја има Москва, но оперативната смелост е во пораст, истакна таа. Русија сега „се обидува да погоди цели кои имаат директно влијание врз бојното поле. Тоа значи производство на оружје.“

Москва редовно негира вмешаност во саботажи и операции на хибридно војување. Руската амбасада во Копенхаген денеска ги отфрли наводите, обвинувајќи ги данските власти за изнесување неосновани обвинувања против Русија.

Кристенсен спомена список на наводни европски производители на беспилотни летала и нивни делови што го објави руското министерство за одбрана, за кој Москва во април тврдеше дека претставува список на потенцијални воени цели, без да изнесе детали.

Русија сè почесто посегнува по необучени посредници, меѓу кои се и бездомници и зависници од дрога, кои ги регрутира на Телеграм и други социјални мрежи. Регрутацијата обично почнува со едноставни задачи како извидување или фотографирање, а потоа ескалира кон вистински саботажни операции, наведува ПЕТ.

„Тоа може да биде секој кој бара брза заработка“, рече Кристенсен. „Ако првата личност не успее, на таа задача ќе ја испратат втората, сè додека не успеат.“

Данската разузнавачка служба за одбрана минатиот месец објави дека Русија веројатно ќе ги засили хибридните напади врз Западот во претстојните месеци, откако Германија ја обвини Русија за обид за напад со дронови врз аеродромот Лајпциг/Хале во август.

Во септември 2025 година, во пресрет на одржувањето на самитот на ЕУ во Данска, дронови го попречија воздушниот сообраќај на шест дански аеродроми, меѓу кои и оној во Копенхаген, најпрометниот во нордискиот регион. Премиерката Мете Фредериксен инцидентот го нарече хибриден напад врз нејзината земја.

Ad
Ad